Македонија е повторно во транс. Фалангата со “Ниш Експрес“ патува во белградската “Арена“ каде ќе се обиде да го повтори “литванскиот“ успех. Јунаците на мечот, Филип Миркуловски и Борко Ристовски не го криеја задоволството по големата победа, до која стигнавме во меч кој беше посебно тежок од психолошки аспект.

– Ова беше најтежок меч за нас на првенството, зашто моравме да победиме. Но докажавме дека сме и психолошки и физички подготвени да се носиме со сите, дури со најсилните. Ние сме таков тим, победуваме кога е најтешко и кога е најпотребно. Жал ми е што одиме понатаму со само еден бод, требаше да пренесеме повеќе, но сметам дека тоа ќе го надополниме во Белград, бодрени од нашата армија верни навивачи“, изјави за веб порталот mkd.mk Миркуловски, кој беше прогласен за играч на мечот.

Одлична партија на голот имаше првиот избор на Шундовски, Борко Ристовски кој имаше серија одбрани во одлучувачките моменти.

– Ова беше наш најтежок меч досега. Знаевме дека ако загубиме, ќе биде трагедија. Но тоа е спортот, кога победуваш, сите те слават, кога губиш, сите те критикуваат. Од сето ова мора да извлечеме поука како да се однесуваме понатаму, во вториот круг. Гарантирам дека и понатаму ќе гинеме на теренот, а со ваква публика тешко дека ќе губиме. Жал ми е што не пренесуваме повеќе од еден бод, требаше да одиме со поголема залиха, но сега ќе бараме две победи, без разлика против кого, дали Србија и Полска, дали Данска и Полска. Ве уверувам дека и во вториот круг ќе го оставаме срцето на терен“, емотивно изјави Ристовски.

Ohridnews