Двајца напаѓачи вооружени со пиштоли вечерва околу 19 часот влегле во златарницата Циркон-2 во трговскиот центар во Буњаковец во Скопје со намера да ја ограбат, пренесува “Макфакс“.
Според првичните информации, еден од разбојниците испукал куршум од пиштолот при што го погодил сопственикот на златарницата во пределот на ногата.
Разбојниците веднаш побегнале од местото, а повредениот сопственик бил префрлен во Градската општа болница и според неофицијалните информации, неговата состојба е стабилна.
Истрелите ги вознемириле граѓаните кои живеат во близина на трговскиот центар Буњаковец.
Увидот е во тек, по што се очекува да биде соопштено дали нешто е одземено од златарницата.
Ова е втор вооружен напад на сопственик на златарница во Скопје за три дена. Сопственик на менувачница во понеделник вечерта околу 19.50 часот беше пронајден мртов пред својата менувачница во скопската населба Драчево.
Неодамна и во Охрид се случија две тешки кражби на златарници.
извор:„Макфакс“