Тим од десетина македонски нуркачи од спелеонуркачкиот клуб „Врело” денеска во Дојран ја реализираа втората подводна акција за чистење на водите во светот, на подрачјето на Дојранското Езеро.
По успешно завршената глобална акција во Охрид, каде од Охридското Езеро беа извадени стотина килограми отпад, членовите на Врело, од Дојранското езеро извадија пластични шишиња, кеси, лименки од пијалоци и друг ситен пластичен отпад.
– За разлика од Охрид, констатиравме дека на дното на Дојранското езеро освен ситен отпад, нема поголемо загадување од крупен железен отпад, гуми и слични предмети, што е позитивно и добро за капачите на езерото и за граѓаните на Дојран. Но сепак и најмалиот отпад ја загадува околината и нашето секојдневно опкружување, па затоа уште еднаш ќе истакнам од потребата за подигање на свеста кај сите граѓани и стари и млади за зачувување на животната средина- вели Киро Ангелески, претседател на клубот „Врело”. Тој додава дека нуркачите и понатаму ќе продолжат да спроведуваат вакви акции, кои се од круцијално значење за зачувување на водата како природен потрошлив ресурс но и за развој на туризмот во Македонија, бидејќи Дојран е еден од главните центри на туризмот кај нас.
Ова глобално чистење е второ во низата предвидени акции во организација на „Врело” и Првата Глобална Подводна Асоцијација „GUWAA” (Global Under Water Awareness Association), а проектот се планира да продолжи не само кај нас туку и на меѓународно ниво.
Следната дестинација во Македонија е Преспа, каде ќе се чисти Преспанското Eзеро.
OhridNews
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com