Акцијата „Отворено со Катастарот” почнува во понеделник што на граѓаните, седма година по ред, ќе им се овозможи полесно да ги надминат евентуалните проблеми од оваа област, како и да се запознаат со новините во работењето на Агенцијата.

Директорот Славче Трпески вели дека акцијата вообичаено ќе ги опфати сите општини.

„ Минатата година во рамки на акцијата се обратија над 3.000 граѓани од кои на повеќе од 300 или на околу 10 отсто им беа решени предметите. Другите од нашите стручни тимови добија соодветни совети за што побрзо остварување на правата пред другите институции”, истакна Трпески.

Годинава од Агенцијата потенцираат дека целта е да се увиди со какви проблеми се соочуваат граѓаните, при интензивното спроведување на дигитализацијата и другите процеси за модернизација. Трпески рече дека за околу една година треба да почне масовната проценка на земјиштето и да профункционира регистарот на цени што ќе овозможи точно да се знае колку чини секоја недвижност, станбен објект, градежно или земјоделско земјиште.

Регистарот на цени ќе биде јавно достапен до сите заинтересирани, а методологијата за нивно утврдување ќе ја одобри Владата.

„Кој било граѓанин или фирма ако сака да купи недвижност нема информација колку таа чини, се остава на понудувачот да каже. Но, со масовната проценка и регистарот, ќе се знае почетната цена на секоја недвижност. Цената ќе биде променлива зависно од пазарот, некогаш ќе се зголемува и обратно. Но, ќе се знае колку чини некој стан или друг вид недвижност. Останатото се остава на договорните страни”, рече Трпески.

На секој договор за купопродажба што доаѓа во Катастарот ќе се запишува и вредност, оданочената и онаа запишана во договорот.
Акцијата отворено со граѓаните во Охрид и Струга ќе се спроведе во месец февруари.

OhridNews

извор: Макфакс