Утре од 19 часот во НУ Библиотека „Григор Прличев“ ќе биде промовирана книгата „Од архивите на Македонското литературно друштво Григор Прличев од Сиднеј“ од авторот Иван Трпоски. Промотор ќе биде д-р Виолета Ачковска а на присутните ќе им се обрати и авторот Трпоски.

Неговиот најнов труд  содржи богат избор од документи и претставува  своевидна  хроника и обликуван приказ на севкупната активност во 45-те години постоење и дејност на една од најпознатите македонски писателски асоцијации на петтиот континент – Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј. Книгата е портрет на 350 творци, почнувајќи од претседателот на друштвото Душан Ристевски и сите останати членови заедно, кои во изминатиот речиси половина век направија толку многу, а толку далеку од родната земја информираат од НУ Библиотека „Григор Прличев“.

Преку творештвото на мајчиниот македонски јазик и низата други активности, се додава во соопштението, тие го афирмираат и негуваат и македонското име и македонскиот етникум во Сиднеј, Нов Јужен Велс и пошироко. Претходно книгата беше промовирана во МАНУ во Скопје.

Инаку, Трпоски е роден во  Волино и од 1968 год. живее и твори во Сиднеј, Австралија. Тој е член и долгогодишен библиотекар и архивар во Литературното друштво „Григор Прличев“ од 1979 год., на Училишниот одбор за Нов Јужен Велс од 1980 год., на Друштвото на писателите на Македонија од 1988 год. и на Здружението на новинарите од Македонија од 1995 година.

OhridNews