Случајот со стручното усовршување на Д-р Виолeта Мојсовска Наумоска, спец кардиолог, доктор на медицински науки вработена во ЈЗУ Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања – Охрид, добива нова димензија. Болницата денеска одржа прес конференција на која документирано беа изнесени детали за случајот кој деновиве доби медиумски публицитет и покрена лавина реакции кои влијаат на работата и реномето на здравствената установа позната по исклучителниот професионализам, квалитетен кадар и континуиран раст и развој, поради што ужива висок углед во јавноста.

На средбата со медиумите на која присуствуваа директорката Д-р Билјана Теговска, поранешниот раководен тим, лекарскиот и друг персонал, беше истакнато дека установата за апликацијата за грант за стручно усовршување на вработената не била соодветно информирана, поради што било побарано објаснување од Европското здружение за кардиологија како давател на грантот за стручно усовршување на Д-р Виолeта Мојсовска Наумоска, а не повлекување или откажување на истиот. Воедно беше потенцирано дека не е побарана согласност од Болницата за посочената апликација која е неопходна, за што побарана е целокупната документација на увид, по што ќе се постапува соодветно.

Информацијата за доделениот грант на Д-р Виолета Мојсовска Наумоска, вработена во ЈЗУ Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувња – Охрид, кој го доделува EAPCI (една од асоцијациите на ESC- Европското здружение за кардиологија), а кој е наменет за млади кардиолози до 40г. и кој предвидува едногодишен тренинг во болница во Италија, ја дознавме од социјалните мрежи и медиумите, истовремено со останатата јавност. Иако апликациите за овој грант кандидатите ги поднесуваат лично, согласно правилата на давателот на грантот, кои се јавно достапни, во прилог на апликацијата задолжително треба да се достави и препорака од актуелниот раководител на Одделот во кој кандидатот работи или актуелен ментор (супервизор) доколку апликантот работи под супервизија, појасни директорката  Д-р Теговска.

Посочува дека според нивните сознанија, Д-р Мојсовска Наумоска ниту ги има побарано, ниту ги има добиено задолжителните препораки, согласно правилата за апликација.

Заради  целосно разјаснување на оваа состојба, од страна на Болницата беше побарано дообјаснување од давателот на грантот, а во ниеден момент не беше побарано повлекување или откажување на грантот. Нагласуваме дека во конкретниот случај не станува збор за попречување во напредувањето или неадекватен третман, иако гледаме дека се сака овој случај да се претстави како институционална опструкција. Ве уверуваме дека нашата болница може да послужи како пример каде младите доктори во најкус можен рок добивале специјализации и се едуцирале во различни области, истакна Д-р Теговска.

Во дописот кој Болницата го има доставено до Европското здружение за кардиологија се посочува дека доделувањето на грантот без знаење на институцијата, која е членка на Македонското кардиолошко друштво (член на ESC) од неговото основање и заобиколувањето на воспоставените процедури, го поткопува кредибилитетот на медицински персонал и етичките стандарди врз кои е заснована Болницата.

Во однос на судските постапки кои Д-р Мојсоска Наумоска ги споменува во нејзините јавни настапи,  Д-р Теговска истакнува дека Болницата досега не излегувала јавно со информации во врска со истите, но доследно постапува по сите, а воедно презема и дополнителни мерки пред надлежни институции.

 

На прес конференцијата беше истакнато и дека пред надлежни институции поведена е постапка за плагијат на научен труд кој бил презентиран на конгрес во Дубаи, односно има претставка од искусен интервентен кардиолог до Етичката комисија на Болницата. Истата сега предмет на натамошно разгледување кај други надлежни органи надлежни за ваквите прашања.

Во 2019 година имавме еден интересен случај со пациентка со гангрена. Доктор Виолета Мојсовска како помлад доктор на специјализација тогаш беше присутна во салата кога јас ја правев интервенцијата. Истата заврши успешно и случајот беше пријавен на Европскиот конгрес во Париз 2020 година каде и беше примен. Истиот случај сега во декември 2025 година беше презентиран од страна на докторката во Дубаи каде јас како главен оператор бев изоставен да бидам напишан во Abstract Book или во било каков коментар, нешто што е недозволиво во нормалниот медицински свет. Значи, такви работи се недозволиви со мој труд без разлика што колешката беше присутна. Значи, главниот оператор е одговорен за сите постапки за време на интервенцијата. Јас сум одговорен за таа интервенција во минатото кога сум ја направил. Сега сум одговорен и за педесет години од сега јас ќе бидам одговорен затоа што јас сум се потпишал на крај на сите процедури кои што се во врска со пациентката. За неа сум јас одговорен. Во овој случај (со трудот презентиран во Дубаи), не беше така, јас лично реагирав, вели кардиологот, Д-р Дејан Манчески.

Од Болницата посочуваат дека првпат се соочуваат со ваква состојба и дека ќе чекаат информации од Европското здружение за кардиологија како давател на грантот за понатамошна постапка во случајот.

Сметаме дека е од исклучителна важност да се сочува реномето на болницата која спротивно на она што сака да се прикаже секогаш знаела да го препознае потенцијалот на своите вработени и да ги стимулира да се едуцираат и напредуваат во струката, истакна Д-р Теговска.

Д-р Мојсовска Наумоска, пак, во допис до медиумите посочува дека бара од надлежните институции формирање на комисија која објективно ќе ги разгледа сите наоди поврзани со случајот, ќе изврши темелна контрола и надзор на законитоста и стручната работа на директорката, ќе посредува во насока на заштита од вознемирување. Воедно, посочува таа, денешната прес конференција е обид за нејзина јавна дискредитација и дополнителен притисок врз неа.

Н.С.Ј./Г.М.