Водечката екипа во Ла Лига, Барселона го направи најголемиот чекор во освојувањето на трофејот во шпанскиот шампионат, откако со (3-0) го совлада Реал Мадрид на „Сантијаго Бернабеу“. Каталонците до триумф во Мадрид во дербито познато како „Ел Класико“ стигнаа со головите на Луис Суарез, Лионел Меси од пенал и Алекс Видал во второто полувреме.

Првиот дел на „Сантијаго Бернабеу“ помина во знакот на домаќините кои имаа 2-3 изгледни прилики за погодок. Најзрелата шанса ја имаше Карим Бензема, кој ја погоди стативата после ударот со глава. 

Сликата на теренот комплетно се промени во второто полувреме. Барселона најде начин за излез од пресингот на „кралевите“. Во 54-та минута уругвајскиот репрезентативец Луис Суарез со одмерен удар по земја го матираше Кејлор Навас и со погодок ја круниса маестралната акција на гостите.

Десеттина минути подоцна Барселона ја дуплираше предноста. Мешаницата во казнетиот простор донесе пенал за каталонците и црвен картон за Дени Карвахал. Сигурен егзекутор на пеналот беше Лионел Меси. 

Негативата и играчот помалку не ги поколеба домаќините кои нападнаа, но не успеаја да најдат решение за Андре Тер Штеген кој брилираше на голот од Барселона. Казната за нереализираните прилики на домашните фудбалери ги стигна во судиското продолжение кога Алекс Видал ги постави конечните 3-0.

Избраниците на Ернесто Валверде со триумфот во „Ел класико“ му побегнаа на Реал Мадрид 14 бодови на табелата, а во нивни прилог отиде и поразот на Атлетико Мадрид од Еспањол.

OhridNews