По кратко боледување, почина Кирил Ристоски (62) актер, професор и декан на Факултетот за драмски уметности во Скопје.

За време на неговата тридецениска актерска дејност оствари 80 улоги, а позначајни се: Актерот (во „Мангите пијат чај“), Марк Антониј (во „Јулиј Цезар“), Киро и Евто (во „Лет во место“), Бота (во „Среќна нова 49“), Тартиф (во „Тартиф“), Дон Кихот (во „Дон Кихот“), Спиро Црне (во „Спиро Црне“), Колобан (во „Колобан“), Просперо (во „Бура“), Иванов (во „Иванов“), Арсениј (во „Арсениј“), Спиро Црне (во „Летни Силјане“), Пичем (во „Просјачка опера“), Полковникот (во „Полковникот Птица“), Клавдиј ( во „Хамлет“), Генералот (во „Четвртата сестра“), Рос (во „Која е Силвија“), Дон Кихот (во „Дон Кихот“), (С.Т.Верховенски во „Бесови“) и други.

Снимил над 20 телевизиски драми, филмови и серии, а позначајни му се улогите во филмовите: „Пред дождот”, „Црвениот коњ”, „Јазол”, „Тетовирање”, „Тајната книга” и други. Снимил над двесте радио драми.

Како декан на ФДУ, отвори  мастер студиите во седум области од изведувачката и филмската сфера.Под негово менторство се школувале голем број еминентни актери.

Десет години беше прв човек на МТФ „Војдан Чернодрински” – Прилеп. Добитник е на повеќе награди и признанија за актерски остварувања на македонските фестивали и театарски игри, на наградата „Ристо Шишков“, на наградата на град Скопје „13 Ноември“, Награда на град Прилеп за животно дело.

Роден на 14 ноември 1948 година во Прилеп. Дипломирал на одделот за драмски актери на Вишата музичка школа во Скопје (1977).

ФДУ ќе одржи комеморација утре во 11 часот, а погребот ќе се изврши на гробиштата Бутел во 14 часот.

OhridNews
извор: „Макфакс“