Почесниот претседател на ДПА Арбен Џафери почина попладнево во 15.50 часот, информираат од Клиниката за неврохирургија.

„Вчера му се влоши ситуацијата и како резултат на тоа, денеска во 15.50 почина“ изјави за Макфакс, заменик директорот на Клиниката за неврохирургија, Владимир Мирчевски.

Џафери минатата недела беше примен на Клиниката, откако претрпе мозочен удар и беше во многу тешка состојба.

Поранешниот претседател на ДПА повеќе години се лекуваше од Паркинсоновата болест и поради влошената здравствена состојба во 2007 година го напушти лидерското место во партијата, на кое дојде Мендух Тачи.

Џафери е роден во Тетово на 24 јануари 1948 година. Завршил Филозофски факултет. До 1990 работел за радио и телевизиските станици во Приштина, Косово како главен уредник на Културната програма. Бил претседател на ПДП во Македонија од 18 април 1995, а потоа лидер на Демократската партија на Албанците до 2007. На вторите парламентарни избори во Македонија бил избран како независен пратеник (1994), а потоа како пратеник на ДПА.

OhridNews
извор:„Макфакс“