Познатиот охридски архитект, Климент Заров, почина на 88 годишна возраст. Тој несомнено спаѓа во редот на најдобрите современи македонски архитекти. Во своето долгогодишно делување се занимавал со повеќе сегменти од архитектонската професија, минувајќи ги сите скалила за целосно оспособување во широката палета на архитектурата. Подолг период бил водечки планер и проектант во Институтот за урбанизам и архитектура во Охрид, каде што ги истакнал своите творечки и организациски способности.

Заров студирал 6 семестри на Техничкиот факултет во Загреб, а дипломирал на Архитектонскиот факултет при универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје.

По работата во Заводот за заштита на спомениците и културата во Охрид, продолжува во новооснованиот Завод за урбанизам и архитектура во Охрид каде работи како проектант, а потоа и како директор до пензионирањето.

Позначајни негови реализирани проекти се: Интервенции на црквата Св. Јован Богослов Канео и презентирање на црквата во нејзиниот автентичен облик, колективна станбена зграда на пошта Охрид, хотел Горица Охрид, бунгалови во летувалиште Претор, хотел Св.Илија кај месноста Св.Стефан, Хотел Силекс, реконструкција и доградба на поштата во Охрид, Реконструкција и доградба на аеродромската зграда во Охрид, две станбени згради на ул.„Партизанска“ во Охрид и детален план на централното градско подрачје на Охрид.

Дел од неговите позначајни нереализирани објекти се: хотелски комплекс нарачан од бившата ЈНА во Св.Стефан, мотел во Џеда, Саудиска Арабија, Хотелски комплекс во Јахорина.

Тој учествувал на повеќе републички конкурси од кои најзначајни се повиканиот конкурс за Комплексот Палас во Охрид и повиканиот конкурс за хотел на Јахорина.

Познатиот охридски архитект е добитник на повеќе награди за својот труд, и тоа: Награда на град Охрид „7ми Ноември“ од областа на архитектурата, Признание од Сојуз на урбанисти на Југославија за урбанистичко творештво и Републичка награда „11 Октомври“ за хотел Горица-Охрид.

Посмртните останки на архитект Климент Зарев ќе бидат изложени во капелата на градските гробишта во Охрид во четврток на 12.04.2018г. од 12 до 13 часот.

OhridNews