На 86-годишна возраст почина Наум Бурназ, доајен на македонската изворна музика, чиј глас со децении беше препознатлив симбол на традицијата и музичкото наследство.

Бурназ неуморно работеше на афирмација и зачувување на македонскиот фолклорен идентитет во текот на целиот свој живот, претставувајќи ја нашата музика како во земјава и ширум светот.

Долги години беше дел од ансамблот на македонската опера од каде што замина во пензија. Останува запаметен по својата изведба на охридските староградски песни, како и по неговите песни, меѓу нив „Бор садила мома Евгенија“, „1762 лето“ (Песна за патрикот) по текст на Григор Прличев, и други.

Зад себе остави богата кариера исполнета со голем број антологиски интерпретации кои остануваат трајно запишани во националната музичка ризница.

Последна почит ќе му биде оддадена денес во капелата на Градските гробишта во Охрид од 13.00 часот.

OhridNews