Почина еден од најзначајните француски и современи светски поети, Ив Бонфоа, кој во 1999 година за неговото исклучително поетско творештво беше награден со „Златен венец“ Струшките вечери на поезијата. Бонфоа починал вчера на 96 годишна возраст, соопшти фесстивалот Струшки вечери на поезијата, изразувајќи жалост за загубата на светски познатиот поет и книжевник.

Ив Бонфоа е роден на 24 јуни 1923 година во Typ, Ендр-е-Лоар. Татко му бил железничарски службеник, а мајка му наставничка. Во родниот град ја завршил познатата математичко-филозофска гимназија „Декарт“, а потоа студирал математика и филозофија во Поатје и на Сорбона во Париз. Магистрирал под меиторство на Џин Вал и три години престојувал во САД како аташе за истражување во областа на критичката методологија. Почнувајќи од 1960 ќе биде предава како визитинг-професор на повеќе француски и странски универзитети, и тоа: во Венсен (1969-70), во Ница (1973-75), во Екс-АиПрованс (1979-81) итн., а од 1981 до 1993 година бил редовен професор по компаративни поетики на Колеж де Франс во Париз. Бил директор и уредник во книгоиздателството „Фламарион“, каде ja уредувал едицијата „Идеи и истражувања“. Таму го објавил и познатиот Речник на митологиите и религиите на традиционалните општества и на античкиот свет.
Уште со неговата поетска книга Движењето и мирувањето на Дув , со која го истажува односто на поезијата кон животот, влегува во француската и светската историја на книжевноста како еден од најзначајните поетски гласови. Творештвото на Ив Бонфоа станува едно од врвните книжевни дострели на француската поезија по Втората светска војна, а самиот тој станува најпроочуениот и највлијателниот современ француски поет. За негови учители често пати ќе ги посочува Шарл Бодлер и Артур Рембо, но и таткото на надреализмот Андре Бретон. Неговата поезија донесува едно ново рамниште на француската поезија, со херметичните многуслојни асоцијации. Тој зборува за поезијата како за најдобар израз на „времето преобликувано од моментот“, концептуален, прогресивен свет засолнет и оживеан од моментното насетување кое го донесува зрачењето на сонцето или друг феномен од природниот свет.

Неговото обемно книжевно дело го сочинуваат поетки книги, студии, есеи, преводи. Неговата лирска библиографија ја сочинуваат и книгите: Пустината што владееше вчера (1958), Напишан камен (1964), Во стапицата на прагот (1975) Песни (1978) и бројни други дела преведени на триесетина јазици. До последниот животен миг остана активен како книжевен творец. Неодамна ги објави и последните две книги, поетската „Црвениот шал“и есејот „Поезија или сознание“.
Тој е исто така еден од најдаровите преведувачи од англиски и други јазици. Неговите преводи на повеќето од драмите на Шекспир се сметаат за најдобрите на француски јазик. Ги превел и Јејтс, Петрарка, Јоргос Сеферис и редица други значајни светски автори.

За своето творештво и книжевно-истражувачка дејност бил награден со бројни признанија, меѓу кои и наградата „Монтењ“ во 1978 година, a во 1993 година му беше доделена Големата национална награда за поезија. Беше уредник на ревијата „Лефемер“ (1966-1972). Добитник е и на наградите „Гонкур“ за поезија (1987), „Сино Дел Дука“ (1995), „Балзан“ (1995), наградата „Кафка“ (2007) итн. Во 1999 година е награден со „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата“, со влегува и во листата на на книжевните великани наградени со најпрестижното светско признание за поетско творештво. Прогласен е за почесен доктор на Американскиот универзитет, на Универзитетот Нојшател, на Универзитетот во Чикаго и во Даблин.

OhridNews