Општинскиот фудбалски сојуз-Охрид остана без уште еден свој долгогодишен член и посветен фудбалски работник. Вчера во Охрид на 70-годишна возраст почина Ило Кафеџиоски-Кафе.

Ило Кафеџиоски-Кафе (1949-2020)

Кафеџиоски речиси целиот свој живот го посвети на фудбалот и на луѓето во „црно“. Прво како фудбалер, потоа  како судија, делегат и контролор, Кафеџиоски остави неизбришлив траг во охридскиот и македонскиот фудбал. Тој четири години беше претседател на Судиската организација во ОФС Охрид. Кафеџиоски со досетки беше „задолжен“ за подигнување на атмосферата на секој собир од ОФС Охрид, се сеќаваат неговите колеги.

Кафе во друштво со колегите во ОФС (седи прв од десно)

Покрај во фудбалот, Кафе, кој беше семеен човек, уживаше во пишаниот збор и зад себе остави неколку книги. Охрид останува без уште еден посветен автор и вљубеник во поезијата, истакнуваат од НУ Библиотека „Григор Прличев“, која упатува сочувство до семејството и неговите најблски пријатели и роднини.

– Неговите песни извираат од тековите на животот и за животот. Сите до една се „исплетени“ со избрани стилски фигури и емоции , чувства со идеали и визии со стил близок за сите генерации, истакнуваат од градската Библиотека.

Последната негова стихозбирка „Созвездие низ магичниот круг“ беше промовирана токму во Библиотеката во Охрид, лани на 31 јули. Кафеџиоски е автор и на стихозбирките: „Во кругот“ и „По кругот“. Во средината на осумдесетите бил иницијатор за формирање на литературниот клуб „Сердарот“ и бил негов прв претседател.

Кафеџиоски беше погребан денеска на гробиштата во Велгошти.

OhridNews