Во 91-та година од животот, денеска во Охрид, почина Методија Кепески, познат обвинител во пензија.

Методија Кепески е роден 1929 година во Прилеп. По завршување на Правниот факултет на Универзитетот во Загреб, како дел од првите високо образовани генерации на овие простори по Втората светска војна, тој ја започнува работната кариера во родниот град, од каде во 1955 е прераспределен во Охрид, и е еден од основоложниците коишто го формираат Околиското јавно обвинителство во Охрид. На 27 години Методија Кепески станува околиски обвинител за Охрид, Кичево, Ресен, Дебар и Струга. Целиот професионален век го минува во Јавното обвинителство, а во еден мандат беше судија во Основниот суд во Охрид.

Познатиот почина во 91 година од животот
Познатиот обвинител во пензија Методија Кепески почина во 91 година од животот

Методија Кепески беше исклучително општествено активен. Од 1982 до 1986 година тој беше делегат (пратеник) во Републичкото Собрание. За време на неговиот работен век е активен член во раководствата на неколку познати спортски и културно уметнички друштва од Охрид.

По пензионирањето, Методија Кепески останува општествено активен. Беше долгогодишен претседател на Сојузот на пензионери Охрид и силно се залагаше за правата на пензионерите.

Охриѓани го паметат Методија Кепески – Кепе, како правдољубив, чесен и остроомуен човек со став, како еснаф и чаршиски човек, кој своето прво утринско кафе до крајот на животот го пиеше во познатата „Летница“. Методија беше семеен човек. Тој шест децении беше во брак со сопругата Мира, со која имаат двајца наследници, Сашо и Нина.

Посмртните останки на Методија Кепески, ќе бидат изложени во капелата на Градските гробишта во Охрид во сабота, 22 февруари, од 13 до 14 часот.

OhridNews