Во 84-та година од животот почина професор д-р Јордан Спасески, истакнат професионалец во безбедносните структури во Македонија, иницијатор за основање стручни образовни установи од областа на одбраната и безбедноста, успешен раководител на повеќе институции, научен работник и публицист. 

Јордан Спасески е роден на 8.12.1933 год. во Лескоец, Охридско. Во 1957 год., го завршил првиот курс за инспектори во Идризово, а во 1961 год. го продолжил своето образование на Вишата школа за внатрешни работи во Белград, Србија, која ја завршил во 1963 год. а потоа и на Правниот факултет во Скопје. Завршил постдипломски студии на Институтот за социолошки и политичко правни истражувања во Скопје. Докторирал на Универзитетот во Белград.

Професорот Спасески има богато професионално искуство. Од 1949 до 1957 работел како учител во повеќе училишта на територијата на тогашната Охридска околија со само 15 години и 9 месеци, со што веројатно е најмладиот учител по одделенска настава во историјата на Македонија. Подоцна, тој работел како наставник по физика.

Од 1957 год. 1971 год., Спасески извршувал повеќе раководни функции во рамките на органите за внатрешни работи. Бил началник за внатрешни работи во Кичево, началник на Регионалниот центар за државна безбедност во Битола, началник на Секторот за државна безбедност во Секретаријатот за внатрешни работи на СР Македонија. Спасески активно учествувал во подготовките и основањето на првото Средно училиште за внатрешни работи во Скопје, каде што работел од декември 1971 год., при што бил назначен за прв директор на ова училиште. Во 1977 год., Спасески бил член на Матичната комисија за формирање Центар за образование на кадри за безбедност и општествена самозаштита во Скопје, учествувал во изработката на Законот за основање на Центарот и бил негов прв директор. Продолжил да работи во Центарот до пензионирањето.

Во 1972 год. Спасески бил избран за прв претседател на Заедницата на школите за внатрешни работи на СФРЈ, а ја извршувал и функцијата претседател на Здружението за кривично право и криминологија на СФРЈ. Во два мандата бил претседател на Организацијата на воени старешини на Република Македонија (ОВСРМ). Во својство на претседател на оваа организација, на 17 октомври 1991 год. тој испратил допис до македонската влада, Собранието, Министерството за одбрана и претседателот Киро Глигоров, јасно истакнувајќи ја идејата дека Македонија треба да пристапи кон изградба на сопствен одбранбен систем. За време на војната од 2001 год. Спасески бил член на Центарот за кризен менаџмент во рамките на Координативното тело за решавање на кризата, формирано од македонската влада.

Во 1977 год., Јордан Спасески бил избран за доцент на штотуку основаниот Факултет за безбедност во Скопје. Трајна ориентација во неговото научно творештво биле безбедносните и одбранбените елементи, почнувајќи од Македонското национално ослободително движење до формирањето на независната македонска држава. Во неговиот творечки опус, посебно внимание посветувал на прашањата поврзани со теоријата на безбедноста, безбедносните системи, редот и правниот поредок, безбедносната политика, криминогените фактори, деликвенцијата, агресивноста, конфликтите, мирот итн. Автор е на десетина научни дела.

Посмртните останки на проф. д-р Јрдан Спасески ќе бидат изложени во капелата на Градските гробишта во Охрид, утре, 6-ти декември од 12 до 13 часот.

OhridNews