Американскиот актер, сценарист и режисер Пол Мазурски, пет пати номиниран за Оскар, автор на „Клошарот од Беверли Хилс“, почина во 84-та година, соопшти неговиот менаџер.

„Беше американскиот Фелини. Многу ќе ми недостасува“, напиша на Twitter неговиот пријател, режисерот Мел Брукс, опишувајќи го како „еден од најталентираните филмски режисери и сценаристи на сите времиња“.

Џефри Берг, менаџерот на Пол Мазурски, за АФП потврди дека режисерот починал во понеделникот, но не ја навел причината. Според медиумите кои се повикуваат на портпаролката на Мазурски, Ненси Вилен, тој доживеал срцев удар во болница во Лос Анџелес.

Мазурски ги напиша сценаријата и ги режираше сите свои 17 филмови, црни комедии, како и филмови за големината и декаденцијата на американскиот стил на живот како „Клошарот од Беверли Хилс“, со Ник Нолти и Бет Мидлер. Многу од неговите филмови имаат автобиографски карактер.

Мазурски, исто така, како актер се појавува во околу 60 документарни и уметнички филмови, на славни режисери како Стенли Кјубрик и Брајан де Палма, а на малите екрани се појави во телевизиските хит серии „Сопранови“ и „Без одушевување, молам“ .

Мазурски првпат беше номиниран за Оскар во 1969 година за сценариото на комедијата  „Bob & Carol & Ted & Alice”, потоа за „Harry and Tontо“ од 1974 година, за „An Unmarried Woman“ од 1978 година, и за „Enemies: A Love Story“ од 1989 година.  Номиниран е и за Оскар за најдобар филм за  „An Unmarried Woman“.

Мазурски е роден на 25-ти април 1930 година во Брукли, Њујорк. Во 1953 година дебитира во филмот на Стенли Кјубрик „Страв и страст“. Првата успешна режисерска работа ја имаше со филмот „Боб и Керол и Тед и Алис“, кој за тие години заработи фантастични 20 милиони долари, по што Мазурски се сврти кон темите коишто го засегаа и возбудуваа него лично.

 

OhridNews

извор:Макфакс