Познатиот готвач Ахмед Аслам Али кој тврдеше дека го измислил „тика масала“ – јадење со пилешко коешто стана класика во азиските ресторани ширум светот, починал во понеделникот на 78-годишна возраст, објави неговиот ресторан „Шиш Махал“ во Глазгов, Шкотска.

Неговиот рецепт за кремасто и умерено зачинето кари е создаден 70-тите во кујната на таа гостилница, а потоа стана едно од најпорачуваните јадења во Велика Британија.

Пилешкото „тика масала“ беше измислено во нашиот ресторан… Правевме пилешко „тика“ (маринирано пилешко на скара), но еден ден гостин рече: „Сакам сос со ова, малку е суво“… Од тој ден го подготвуваме тоа јадење со сос со јогурт, павлака и зачини, појасни во една прилика Ахмед Аслам, кој инаку потекнува од Пакистански Пенџаб.

И покрај неможноста да се докаже точно од каде потекнува јадењето, шкотскиот пратеник Мохамед Сарвар презеде чекори овој пилешки специјалитет да биде препознаен како локален специјалитет. Поранешниот британски министер за надворешни работи Робин Кук го опиша јадењето како „вистинско британско национално јадење“ и „совршена илустрација за начинот на којшто Британија ги апсорбира и се прилагодува на надворешните влијанија“.

OhridNews