Лучано Павароти, еден од најпознатите светски оперски пеачи, умре утринава во 71. година во својот дом во Модена, родниот град, објави италијанската телевизија.

Здравствената состојба на еден од најпознатите тенори на сите времиња во средата нагло се влошила. Во јули 2006. година тој се оперирал од рак на панкреас.

Големиот тенор се прости од сцената и концертите поради здравствени проблеми уште во 2004, година, но планирал (иронично) последна турнеја за простување со верната публика во 2007. Павароти заедно со неговите колеги и пријатели Карерас и Доминго го формираа триото „Три тенори“ со кое постигна светска слава и донесоа нов поглед кон операта.  Познатата арија на Пучини, „Несун дорма“ од операта „Турандот“, Павароти ја направи „своја“, стави свој потпис, а со неа го отвори светското првенство во фудбал во 1990. како и зимските олимписки игри во Торино.

Еден од најпознатите негови цитати се однесува на шансите за посилно влијание на операта врз младите. „За да преживее операта денес, потребна е не само нова музика туку и извонредни и возбудливи нови пеачи“.

Каков што впрочем беше и тој.

С. Костоски