In Memoriam
Живко Пејоски 1947-2010

На 63-годишна возраст во Охрид ненадејно почина познатиот ликовен уметник, архитект и дизајнер, Живко Пејоски.

Живко Пејоски првата самостојна изложба ја одржал во 1967 година во Прилеп, по што следат изложби во Скопје(’73, ’94), Будва (’74, ’75), Капри (’75, ’76), Охрид (’95), Битола (’98). Своите дела ги презентирал и на повеќе групни изложби во Скопје (’73, ’94, ’95), Охрид (’93, ’94) и Битола (’96, ’97, ’98). Учествувал и на изложби за карикатура во Монтреал – Канада во 1974 година и во Скопје истата година, како и на изложби за таписерии во Прилеп во 1978 година и во Охрид во 1982 година.

Во 1984 година уметникот Живко Пејоски ја отвори неговата Галерија во стариот дел на Охрид. Во неговото творештво  доминираат амбиенталните мотиви, а во неговиот израз присутен е македонскиот етнички белег со оригинална изведба. Неговите извонредни дела присутни се ширум светот. Дрвената статуа на Св. Климент и Св. Наум од 1998 година се наоѓа во конгресната библиотека во Вашингтон. Статуата на Св. Климент, подарок на премиерот на Република Македонија на претседателот на САД, Џорџ Буш во 2007 година, статуата на Кирил и Методиј, исто така изработена во дрво, подарок на Република Македонија на папата Бенедикт XVI во 2008 година, резбите подарок на Охридската академија на хуманизмот на Даисаку Икеда во 2007 година и на Мануел де Оливеира во 2008 година, се исто така дела на уметникот Живко Пејоски. Многу од неговите дела поседуваат познати политичари, поети и мисионери кои што ја посетиле Република Македонија. Тој исто така ги изработи подароците за добитниците на Златниот венец на поезијата на Струшките вечери на поезијата од 1996 до 2000 година, како и за фестивалот „Охридско лето“.

Живко Пејоски беше сакан сопруг и татко.

Посмртните останки на уметникот Живко Пејоски, ќе бидат изложени во четврток, – 12 август, во капелата на градските гробишта во Охрид од 13 до 14 часот, а погребот ќе биде извршен во 15 часот.

OhridNews