Во организација на Друштвото за култура и литература “Мацково”, во чест и слава на родоначалникот на македонската литература за деца и млади, Ванчо Николески, по седми пат, започна манифестацијата – Балкански поетски камп за млади “Ванчо Николески”.
Свеченото отворање се одржа во во Централното основно училиште “Ванчо Николески”во Лескоец, крај Охрид, единствената институција која го носи името на бардот на македонската литература за деца и млади, во Македонија.
Професорите и учениците, приредија културно уметничка програма за своите драги гости, годинешните учесници од Србија, Турција, Албанија, Грција и Македонија, по што, заедно, во Алејата на заслужните на “Градските гробишта” во Охрид, учесниците, положија цвеќе на вечното живеалиште на Николески.
Во име на финансискиот покровител и поддрржувач на манифестацијата, која е под формален патронат на Светската академија на поезијата при УНЕСКО, со седиште во Верона, Италија, учесниците ги прими и ги поздрави претседателот на Советот на општина Охрид, Перчо Божиноски.
Синоќа, средба со нив имаше и претседателката Гордана Сиљаноска Давкова, која им испрати и посебно Послание, нагласувајќи ја историската улога на Ванчо Николески во литературното творештво во Македонија, на Балканот и пошироко.
Денеска, на вториот ден, учесниците ќе бидат пречекани од етничките Македонци во блиските соседни земји, додека, во Глобочани, кај Пустец, ќе имаат час и разгледување на “Спомен домот” на прославениот албански прозен автор од македонско потекло, Стерјо Спасе.
OhridNews