Со впишувањето на првиот инфраструктурен објект на Македонски телеком и издавањето на имотниот лист почна да функционира подземниот катастар во Македонија. Со тоа се создадени можности да се евидентираат сите подземни инфраструктурни објекти со што во иднина би се намалиле нивните оштетувања што досега се правеа при разните ископувања на земјиштето.
Како што истакна директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески, придобивките од воспоставувањето на инфраструктурниот катастар се огромни, бидејќи ќе се добијат информации за искористеноста на просторот, ќе се намалат оштетувањата на подземната инфраструктура, а и компаниите ќе добијат сопственост над оваа инфраструктура.
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, нагласи дека со подземниот катастар ќе се овозможи евидентирање на целокупната електрична, телекомуникациска, водоводна и останата мрежа што се наоѓа под објекти и на неизградено земјиште.
Законскиот рок за запишување на инфраструктурните објекти е 24 април 2018 година.
OhridNews