Со свеченост денеска беше означен почетокот на изградбата на автопатската делница Букојчани – Кичево, значаен сегмент од Коридорот 8 и уште еден чекор кон целосно автопатско поврзување на Охрид и Струга со Скопје.

Новата делница е долга околу 12 километри, а нејзината изградба, според најавите, ќе трае четири години.

Според директорот на ЈП за државни патишта, Коце Трајановски, со завршувањето на сите делници од автопатската врска, од Охрид до Скопје ќе се патува за помалку од час и половина, по современ автопат и без застанување на наплатни станици за патарина.

На делницата Букојчани – Кичево е предвидена брзина на движење од 110 до 130 километри на час. Трасата ќе опфаќа пет мостови и вијадукти, еден тунел долг 370 метри и две клучки.

Изградбата се реализира со заем од Европската банка за обнова и развој во износ од 119 милиони евра и грант од Европската Унија од 20 милиони евра.

Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека почетокот на изградбата претставува уште еден важен чекор кон целосно автопатско поврзување на Скопје со Охрид.

Со реализацијата на проектите Кичево – Охрид, Гостивар – Букојчани, Тетово – Гостивар и Букојчани – Кичево, ја создаваме инфраструктурната основа за побрз транспорт, поголема безбедност, нови инвестиции и посилен економски развој на Македонија, истакна Мицкоски.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски посочи дека новите 12 километри се од исклучително значење за комплетирањето на Коридорот 8.

Изградбата на овој автопат во должина од исклучително важни и значајни 12 километри ќе значи целосно автопатско поврзување на Коридорот 8 од Скопје до Охрид и Струга, истакна Николоски.

Изградбата на Букојчани – Кичево е дел од поширокиот инфраструктурен зафат со кој треба да се комплетира автопатското поврзување на западниот дел од земјата. Паралелно се реализираат делниците Тетово – Гостивар и Гостивар – Букојчани, додека продолжуваат и активностите за довршување на автопатот Кичево – Охрид.

Со завршувањето на сите делници треба да се добие континуирана современа автопатска врска Скопје – Тетово – Гостивар – Букојчани – Кичево – Охрид, што значително ќе го скрати времето на патување и ќе ја подобри сообраќајната поврзаност на Охридскиот регион со главниот град.

Г.М.

Фото: Премиер и вицепремиер на РМ I Фејсбук