До 10 мај 2023 година љубителите на планината и трчањето ќе може да се пријават и да го потврдат своето присуство на спортскиот настан на отворено „Охрид Ултра-Треил 2023“, што ќе се одржи на 27 мај во Охрид и низ Националниот парк Галичица.

Пријавите, како што информираат организаторите на трката, се отворени на официјалната веб-страна www.ohridultratrail.com

Настанот го сочинуваат четири трки кои ги спојуваат најубавите локации на планината Галичица и околу Охридското Езеро, така што љубителите на планинското трчање, брзото планинарење и природата ќе може да одберат една од следните дистанци: трката на 22 километри „Летница Треил“ со старт од Велгошти наменета за почетниците но и љубителите на кратки и брзи патеки; 40-километарската „Самотска Треил Маратон“ со старт од Пештани со прочуениот поглед на двете езера; и веќе добро познатите „Галичица Ултра“ долга 65 километри која започнува од Св. Наум и „Охрид Ултра-Треил“ – ултра-маратонска трка во должина од 107 километри со одлични 5.000 висински метри која оди вдолж и попреку преку цела Галичица.

Последните две ултра-маратонски трки се наменети за искусни планински тркачи и за оние кои сакаат да ги поместуваат своите психо-физички граници на издржливост. Сите трки имаат заедничка цел во градот Охрид покрај бреговите на Охридското Eзеро.

Трките се наменети за рекреативни, аматерски и професионални спортисти од сите возрасти со различно ниво на физичка подготвеност, а се особен поттик за граѓаните да почнат да вложуваат во својот здрав психо-физички развој и да бидат пример за своите најблиски особено за децата.

OhridNews