Охрид денеска е домаќин на 15. самит на Процесот Брдо-Бриони. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова утрово ги пречека учесниците заедно со коорганизаторите на собирот, словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ. По официјалниот пречек и заедничкото фотографирање, според програмата, во 11 часот е предвиден пленарниот состанок на лидерите.

Европската перспектива на Западен Балкан е главна тема на разговорите во Охрид, кои се водат зад затворени врати. Предвидени се и повеќе билатерални средби. Според најавата, лидерите ќе разговараат за проширувањето на Европската Унија, реформите во земјите од регионот и унапредувањето на добрососедските односи. На дневен ред се и регионалната поврзаност, животната средина и можностите за вработување на младите.

На состанокот учествуваат и претседателите на Албанија и на Црна Гора, Бајрам Бегај и Јаков Милатовиќ, претседателката на Косово Јустина Широка-Пула, вршителот на должноста претседател на Србија и актуелен претседавач на Собранието Александар Чупиќ и тројцата членови на Претседателството на Босна и Херцеговина.

Процесот Брдо-Бриони е иницијатива на Словенија и Хрватска за поттикнување на регионалната соработка и поддршка на европската интеграција на Западен Балкан. Средбите на ниво на шефови на држави се одржуваат од 2013 година.

OhridNews е на лице место и ќе информира за пораките од заедничката прес-конференција, закажана за 14:30 часот.

Г.М.
Фото: Анамарија Момироска | OhridNews