Охрид доби уметничко-едукативна академија „Сјај“. Целта е да се создаде простор каде децата и возрасните ќе учат, творат и ќе ја споделуваат светлината на знаењето и добрината. Мисијата на Академијата е да се поттикнат креативните, едукативните и хуманитарните активности како основа за личен и заеднички развој, додека визијата е да се создаде заедница на инспирација и поддршка, каде секое дете и секој возрасен ќе има можност да го пронајде својот потенцијал и да придонесе за подобро и посветло општество.

Академијата „Сјај“ преку едукативни работилници наменети за возрасни и деца, како обуки за масажа, цртање на лицето и телото, ќе нуди нови можности за надградување на занењето и вештините, но и стекнување на сертификати кои се значајни во градење на професионалниот кариерен пат.

Во разговор за Охридњуз, претседателката на Академијата „Сјај“ Охрид, охриѓанката Анета Јованоска вели дека сака да го пренесе знаењето што го има стекнато низ долгогодишното работно искуство, посетувајќи меѓу другото и бројни обуки со кои се стекнува со сертификати, на тие на кои им е најпотребно, а во насока на градење подобра и поквалитетна иднина за децата и возрасните.

ON: Од каде ја добивте идејата да отворите во Охрид токму ваков тип на уметничко-едукативна академија?

Јованоска: Идејата е многу одамна, мојот порив за пренесување на знаењата се случува од многу одамна преку различни едукативни работилници кои веќе сум ги работела насекаде каде што сум функционирала и работела изминатиот период. Некако само по себе си дојде овој момент кога почувствував дека веќе после дваесет и пет години работа како аниматор треба ова знаење и вештини кои ги поседувам да ги осознаат оние кои се заинтересирани за тоа. „Не давајте му риба на човекот. Научете го да фаќа риба ако сакате да опстане во животот“.

ON: Што сè ќе може да се изучува во Академија односно каков е концептот на работа?

Јованоска: Концептот на работа подразбира едукативни работилници на различни теми. Првенствено ќе биде цртањето на лице и тело. Потоа втората моја вештина ќе е обука за масажа, едукација за масажи кои се прават во хотелите според потребите. Ние во Охрид имаме центар кај што се изучува и се добива сертификат за тоа. Меѓутоа, во хотелите потребата е сосема поинаков тип на масажа од медицински масажи. Така да има потреба младите кои завршуваат соодветна обука за масажа, да го доусовршат она што го научиле. Таму се стекнува и јас се стекнав со основните знаења од мускули, коски, тело, кожа и е прекрасно и навистина многу ми користи во работата што ја работам. Меѓутоа, техниките на работа кои во моментов се барани на пазарот се малку поразлични од медицинските третмани. Масажи со различни техники. Приоритет ставам на вулканските камења кои имаат многу голема благодет за користење, такви масажи во градов има многу малку или дури и да не познавам некој што ги прави.

ON: Во поглед на изучувањето на техниките на цртањето на лице и тело, што таа обука ќе опфаќа?

Јованоска: Целосно сум опремена да го пренесам знаењето од оваа област. Имам и бои и четки и ги владеам сите техники кои треба една личност да ги поседува за да може да направи убав цртеж на лице на дете. Значи се користат безбедни бои за лице, мора да се чисти, дезинфицирани постојано. Сите начини како пристапот на децата, како да се доведе цртежот до изглед по желба на детето. Зошто не секое лице може да поднесе одреден цртеж од различни причини. Меѓутоа, тука сум отворена за целосна соработка и да го пренесам целото мое искуство и од организациски аспект, како се организира еден настан каде што би присуствувал аниматор за деца. Често сум соработувала и со големи компании коишто прават тим билдинзи, со анимацијата на ецата, носење реквизити и организирање на работилници, значи сето тоа веќе години наназад го работам и навистина сакам како искуство да го пренесам.

ON: Дали обуките и работилниците ќе се одржуваат индивидуално, колективно и каков би бил распоредот на истите?

Јованоска: Планирани се различни обуки и еден на еден и групни, во зависност од потребите тековно како што ќе се јавуваат. Веќе беше организирана и реализирана првата обука под наслов „Помогни ми да направам сам”. Едукаторот дојде од Србија, Лиљана Рељиќ, која е сертифицирана со нејзината програма за наредните четири учебни години и прифатени се овде кај нас нејзините сертификати кои ги издава, што им користат на воспитувачите за продолжување на лиценца. Тоа што како вештина го стекнаа учесничките во оваа обука е рачно изработка и примена на дидактички материјали и нагледни средства за работа со деца. Многу сум среќна бидејќи дел од учесниците беа токму од нашиот град. Имавме и гости и учеснички од Скопје и Битола. Меѓутоа најмногу се радувам на тоа што го видоа потенцијалот во оваа обука жените воспитувачки, учителки, аниматори во дневните центри кои ни функционираат во градот и навистина сум среќна поради сето тоа. Сертификатите кои ќе ги добијат по обуките се валидни и можат да се приложат како релевантна документација. Сите активности се случуваат со закажани термини. Сè зависи од потребите на клиентите кои ќе се јават.

ON: Покрај првата организирана работилница, обуките за изучување на техниките на цртање на лице и тело, и обуките за масажа ќе бидат организирани и креативни работилници за деца?

Јованоска: Да, тоа е во планот и програмата на Академијата „Сјај“ Охрид и полека ги реализираме чекор по чекор. Планирани се апликација на проекти за поддршка од општината, од амбасади. Така да се надевам дека ќе го видат потенцијалот и импактот што сакам да го оставиме во ова општество за да некои работи се сменат, затоа што и работите се менуваат кај децата. Првата обука беше реализира во Дневниот центар за престој на школски деца „Смајли”. Планирана е соработка и со игротеката „Смајли”, каде што би се одржувале работилници за деца.

Јовановска потенцира дека соработка е планирана како со локалната самоуправа, така и со институции блиски во областите кои ги нуди Академијата меѓу нив и со Центарот за образование „Кузман Шапкарев”, ОЕМУЦ Св. Наум Охридски и компаниите.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска