Како што пренесуваат дел од медиумите, службите при општина Гази Баба, утрово,  започнаа со уривање на станбено деловниот комплекс “КОСМОС” чиј инвеститор е фирмата Фине Скопје ДОО, лоциран на ул. Перо Наков бр. 94 во Скопје.

Причина за уривањето на објектот во сопственост на бизнисменот и пратеник Фиат Цаноски, според општината Гази Баба се сериозни повреди на Законот за градење како и констатирани неправилности и нелегални дејствија во текот на изградбата, пренесува Сител телевизија.

Исто така, од општината соопштиле дека сопствениците биле навреме предупредени, но во дадените рокови не ги отстраниле констатираните отстапувања и забелешките и дејствувале спротивно на законите.

Првиот увид од овластениот градежен инспектор на Општина Гази Баба бил направен на 30 и 31 мај годинава и констатирано било дека градбата се изведувала без потребната документација на градилиштето.

Кај објектот “Космос” во присуство на геодетска фирма, било направено мерење на висините и котите и било констатирано отстапување на фактичката состојба од проектираната која е во Основниот проект кој што е одобрен од Општина Гази Баба.

Според мерењата целиот објект се изведувал спротивно на основниот проект, односно повисоко за висинска разлика од 1,43 м. Сериозни отстапувања имало и во приземјето што не било предвидено во оригинално доставениот и одобрен проект од општината.
Станбено-деловниот комплекс „Косомос“, според проектот, треба да биде седумкатница, со 562 стана во кои ќе живеат 4.000 жители. Зградата треба да има пет ламели, а ќе се гради и помала зграда, која ќе биде поставена полукружно. Поголемата зграда зафаќа бруто-површина од околу 80.000 квадратни метри, а помалата околу 40.000 квадратни метри. Изградбата на комплексот, според најавите, чини околу 30 милиони евра.

ohridnews