Денес и утре се врши пријавување за запишување во прва година од академската 2013/2014 година на трите државни инуверзитети Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола и Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид.
Како што информираа од министерството за образование, на скопскиот универзитет има вкупно 10351 слободно место, од кои 6122 за редовните студенти во државна квота, 3154 за квотата редовни студенти со кофинансирање на студиите и 1075 за вонредни студенти.
На Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола има вкупно 4160 слободни места, од кои 2520 за редовните студенти во државна квота, 1110 за квотата редовни студенти со кофинансирање на студиите и 530 за вонредни студенти.
На Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид има вкупно 400 слободни места, од кои 200 за редовните студенти во државна квота, 100 за квотата редовни студенти со кофинансирање на студии и 100 за вонредни студенти.
Согласно одлуката на Владата на Република Македонија, лицата кои ќе се запишат како редовни студенти и ќе влезат во државната квота ќе плаќаат 200 евра годишно, во денарска противвредност, а студентите кои ќе се запишат како редовни студенти во квотата со кофинансирање, како и вонредните студенти ќе плаќаат 400 евра годишно, во денарска противвредност, освен ако од страна на самите факултети не е назначено да плаќаат помалку.
Студентите пак, кои ќе се запишат на дисперзираните студиски програми на сите јавни високообразовни установи во Република Македонија, ќе плаќаат 100 евра годишно (во денарска противвредност).
Вториот уписен рок на овие три универзитети е на 3 и 4 септември и третиот е на 17 септември 2013 година. Првиот уписен рок на државниот универзитет во Тетово е од 19 до 23 август,а на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип пријавувањето почна на 13 август и завршува денес.
OhridNews