Во организација на културно – уметничкото друштво „Дримкол“ денеска во Вевчани официјално ќе биде отворен 14. издание на фестивалот на народна култура „Пображење“.

Фестивалската програма, според претседателот на КУД „Дримкол“ Тошо Чочороски, јасно укажува на разноликоста на содржините и автентичниот концепт на фестивалот, посебноста која произлегува од Вевчани и дава за обврска се што се работи да биде во правец на тој посебен вевчански специфичен дух.
Убаво е човек да е во Вевчани овие денови, заради големиот христијански празник „Преображение Христово”, кој е слава на нашето Вевчани, но и заради фестивалот на народна култура, кој го носи името на празникот. Се радуваме што Фестивалот е препознатлив во земјата и пошироко и претставува мегдан за изразување на уметници од повеќе области, кои ја обработуваат народната култура. Вевчани од секогаш бил достоен чувар на традицијата, со векови го негува и презентира фолклорното творештво на својот народ, а токму и овој фестивал е само уште една потврда за нашиот однос кон богатото македонско културно наследство, изјави Чочороски.
Народната култура на својата земја, според програмата, ќе ја презентираат фолклорни ансамбли од земјава, Хрватска, Словачка, Србија и тоа: КУД „Дримкол“ – Вевчани, КУД „Краљевска ризница” – Краљево, Србија, КУД „Хрватски Железници” – Вараждин, Хрватска, КУД „Рацин” – Кичево, АНПИ „Орце Николов” – Скопје, фолклорна група „Вернар” – Вернар, Словачка, ФА „Тиквеш” – Кавадарци и КУД „Филиграни” – Охрид.

Фестивалот традиционално ќе заврши на празникот Преображение Христово на 19 август со концертот „Вевчанска музичка приказна” во изведба на Mарјан Јанкоски и „Поратл”.
Покровители се Министерството за култура и на Општина Вевчани.
OhridNews











