Со настап на културно уметничкото друштво „Валет Елиќенит“ од Радолишта, вечер во Струга ќе почне 31. издание фестивалот на стилизирани песни и ора „Кенге Јехо“.

Покрај друштва од државата, на годинашното фестивалско издание, како што информира директорот Зини Јусуфи, ќе настапат и ансамбли од Бугарија, Црна Гора и Грција.

Годинашното издание ќе го отвори „Валет Елиќенит“ од Радолишта, а во наредните фестивалски денови промоција на својата култура и вредности ќе имаат друштвата „Зенадин Зеќири“ од Тетово, „Емил Дураку“ од Скопје, „Бајрам Шабани“ од Куманово, како и културно уметнички друштва од Бугарија, Грција и Црна Гора, истакна Јусуфи.

Целта на фестивалот, посочи тој, е промоција на албанската култура и вредности и е од големо значење за Струга и стружани.

Овој фестивал е значаен не само за Албанците, туку за цела Струга, но, и цела држава. Тука настапуваат друштва од целиот свет. Мора да го развиваме градот, а без соработка не може да се оди напред, рече Јусуфи.

Фестивалот „Кенге Јехо“ ќе се одржува на Градскиот плоштад во Струга, од денеска до 17 јули во организација на истоименото здружение, а со поддршка на Министерството за култура и Општина Струга.

Во изминатите 30 изданија на фестивалската сцена настапиле над 1.000 фолклорни друштва и ансамбли, како од земјава така и од светот.

OhridNews