Новата натпреварувачка сезона 2026/27 во Втората македонска фудбалска лига започнува денеска, а ГФК Охрид на стартот ќе игра пред својата публика. Квалитетот на првенството е исклучителен, а конкуренцијата силна како никогаш до сега. Оттаму се очекува голема битка за пласман во елитата и опстанок во лигата.

Во рамки на првото коло, охридските фудбалери на домашен терен го пречекуваат тимот на Новаци. Натпреварот ќе се одигра на Градскиот стадион „Билјанини извори“, со почеток во 17 часот.

Од клубот ги повикаа љубителите на фудбалот да дојдат во што поголем број и со поддршка од трибините да им дадат дополнителен мотив на фудбалерите на првиот сезонски предизвик.

Нова сезона, нови предизвици! Сите на стадион! За Охрид!, порачаа од ГФК Охрид пред денешниот натпревар.

Комплетен распоред – 1. коло ВМФЛ (17:00 часот):

  • Македонија – Тетекс
  • Работнички – Кожуф
  • Брера Струмица – Еуромилк Г.
  • Шкупи – Детонит Плачковица
  • Беласица – Осогово
  • Охрид – Новаци

Недела 20 ч.

  • Пелистер – Камјани

Во Втората лига годинава ќе играат три поранешни шампиони: Работнички, Шкупи и Македонија ЃП, КАКО и три освојувачи на Купот: Пелистер, Тетекс и Брера. Свои амбиции секако има и Охрид, кој и оваа сезона ќе претендира на висок пласман.

Првата и второпласираната екипа ќе обезбедат пласман во 1 лига, а третопласираната екипа ќе игра бараж за елитата, а трите последнопласирани екипи испаѓаат.

Г.М.