Православните христијани на 28 август го одбележуваат еден од најголемите празници Успение на Пресвета Богородица. Во предвечерието на празникот и на самиот ден охриѓани најчесто ги посетуваат црквата Св. Богородица Каменско и црквата посветена на светителката во Скребатно, близу Охрид, каде и годинава одбележувањето ќе биде согласно со мерките за заштита од Ковид-19.

И годинава во Скребатно ќе изостане традиционалниот масовен ручек кој се подготвуваше за неколку илјади посетители. Тие ќе можат сами да си понесат јадење со себе и да уживаат во убавините на ова познато излетничко место, кое со големо внимание беспрекорно го одржува локалниот црковен одбор составен од мештани од овој крај. Ќе нема ниту музичка програма.

 И годонава Голема Бородица во Скребатно ќе се празнува во согласност со ковид мерките, без подготовка на масовен ручек, музика и ора. (Фото: Архива OhridNews)

Но, традицијата ќе биде задржана. Ќе биде изнесена иконата на Пресвета Богородица, крстот, а ќе биде запазен и обичајот со бајракот, како и донаторските активности.

Средствата кои на овој ден се собираат од посетителите, како и од верниците во црквата Успение на Пресвета Богородица во Скребатно, внимателно се користат за одржување и разубавување на овој инаку прекрасно уреден простор. Во тоа помагаат и бројни донатори, локалната заедница и градот Охрид.

Имотот на црквата Успение на Пресвета Богородица во Скребатно, кој локалното насление го вика Манастир, е голем и опфаќа ливади, шума, река со мали водопади, чешма со студена вода, кујна опремена со прибор за 5.000 гости, отворени шанкови, скари, маси за ручање на повеќе места во комплексот, уредени и чисти тоалети, приклучоци за струја низ целиот комплекс, спортски терени за мал фудбал, кошарка и ракомет, рибник и реновираната црква Света Богородица. Сето тоа е на располагање на посетителите 24 часа без никаков надоместок. Затоа Скребатно е посетено од многу луѓе речиси секојдневно кога временските услови тоа го дозволуваат.

Пресвета Богородица како заштитничка на децата и семејството, посебно е почитувана од жените, како носителки на род и заштитнички на домовите. Таа е најпочитувана света жена во православната црква.

Одбележувањето на празникот Голема Богородица започнува попладнево со Вечерна богослужба, со која ќе се чиноначалствуваат свештеници од Дебарско – кичевската епархија.

Г.М.