Филмски проекции, мастер-часови и музички перформанси ќе понуди годинешното шесто по ред издание на „Бич филм фестивалот“ што од денеска до 23 -ти, овој месец ќе се одржува на интересни локации низ Охрид.

Фестивалот ќе биде отворен со проекција на краткометражниот филм „Сценарио“ на Александра Кардалевска и долгометражниот филм „Преекспонирано“ на Елеонора Венинова, а за затварањето е најавена проекцијата на словенечкиот филм „Нешто слатко“. Актери кои се дел од филмовите меѓу кои Јелена Јованова, Сашко Коцев, Елеонора Венинова, Гоце Кралевски, Александра Карделевска ќе ги претстават своите филмови пред охридската публика.
Фестивалот од година во година станува препознатлив бренд на летната сезона во Охрид и особено ја привлекува младата публика, која го одбира Охрид за летен одмор целно во периодот додека трае фестивалот.

Поддршка во реализацијата доаѓа и од Министерство за култура, од Кинотека на Северна Македонија, Францускиот институт, „European Film Challenge“ и бројни спонзори.
Оваа година по трет пат Фестивалот е поддржан и од Европскиот филмски предизвик (European Film Challenge, EFC), кој е достапен за повеќе од стомилионска публика во 12 држави од Европа вклучувајќи ја и Северна Македонија. Европскиот филмски предизвик низ годините развива и поврзува мала, но значителна заедница љубители на европскиот филм и инди-киното, која активно го користи просторот за забава, откривање, препорачување и споделување на најдобрите европски остварувања.
OhridNews













