Судскиот процес за петкратното убиство кај Смилковското езеро во којшто се обвинети шестмина за тероризам, почнува денсека, пренесува „Макфакс“.

Двајца од обвинетите, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ сè уште се во бегство, а на обвинителната клупа ќе седнат Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Рами Сејди и Хаки Азири. Според обвинението, убиствата ги извршиле Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ.

За денешното судење се очекува огромно полициско обезбедување и интерес во јавноста. Судскиот процес ќе го води младиот судија Ивица Стефановски, обвинителка во случајот е Гордана Гешковска, позната од случајот „Пајажина“, а обвинетите ќе ги брани адвокатот Насер Рауфи.

Денеска се очекува да биде прочитано обвинението и обвинетите да почнат да даваат исказ пред судот.

Убиството, според обвинението имало за цел да предизвика несигурност кај населението и да ја наруши безбедноста во земјава со предизвикување страв кај граѓаните.

Смилковското езеро било под концесија на еден од обвинетите, Фејзи Азири, чичко на Хаки Азири, кому по убиството му е одземена концесијата.

Според исказот на Азири, кој сам се откажа од статусот заштитен сведок, на 12-ти април на обиколницата кај Качанички пат ги пречекал Алил Демири и Африм Исмаиловиќ кои дошле со автомобил „опел омега“. Му кажале дека убиле човек и му рекле да вози до неговиот дом.

Обвинителството се повикува на материјални докази,  транскрипти од телефонски разговори, како и сведочење на заштитен сведок. Адвокатот на обвинетите, Насер Рауфи тврди дека Обвинителството нема доволно докази.

На 12-ти април без причина беа убиени Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.

По апсењето на обвинетите, во мај се организираа низа протести во главниот град што ги вжешти меѓуетничките односи во земјава.

Организатор на протестите, според полицијата, е еден од најголемите радикални исламисти во земјава и регионот, Шукри Алија кој од пред две недели е во притвор, по неговата екстрадиција од Косово.

Полицијата не ја исклучува можноста Шукри да бил организаторот, мозокот на петкратното убиство, но за ова сè уште нема никакви докази.

OhridNews
извор:„Макфакс“