Со натпреварите од првото коло по групи денеска во Охрид започнува XVI-то Светско јуниорско првенство во ракомет на кое учество ќе земат 20 репрезентации поделени во  четири групи.

Свеченото  отворање е вечерва во 19:30 ч. во салата „Билјанини извори“, а веднаш потоа (21 ч.) нашите јуниори во рамките на А  групата го играат првиот натпревар против Ангола. Во нашата група уште играат и селекциите на Шведска, Португалија и Кувајт.

„Товарот на големи натпреварувања не го носи само еден играч. Доколку на почеток играте со најдобриот тим тоа значи дека сите решенија подоцна ви се послаби, а јас така никогаш не практикувам. Затоа ќе се обидеме против Ангола да скриеме дел од нашите адути и да ја изненадиме Шведска во второто коло“  вели селекторот на македонската репрезентација Веселин Вујовиќ.

Во Охрид ќе се играат и средбите од групата Б, додека репрезентациите поделени во другите две групи ќе се натпреваруваат во спортската сала „Кале“ во Скопје. Во втората рунда од јуниорскиот Мундијал ќе се пласираат трите најдобри селекции од четирите групи.

Г. Момироски