
Туристичките работници сметаат дека организираните групи од Холандија, туристите од Србија и Бугарија, како и сопствениците на викенд-станови од другите македонски градови, кои деновиве видно ја раздвижија охридската ривиера, даваат голема надеж за успешно туристичко лето.
Туристите кои својот летен одмор планираат да го поминат во Охрид ќе можат сами да изберат дали ќе имаат скапо или евтино летување, затоа што нашиот најголем туристички центар нуди цени за сечиј џеб.
Цените во приватно сместување низ Охрид се движат од 300 до 400 денари за легло во приватна соба и од 700 до 1.000 денари по лице во приватни доброопремени апартмани. Инаку, изнајмување на еден апартман во централното градско подрачје изнесува од 20 до 60 евра дневно, а луксузните апартмани и оние со поглед на езеро достигнуваат и цени над 100 евра дневно.

Превозот до плажа со редовните линии на комби и автобус чини од 20 до 60 денари, во зависност од оддалеченоста на плажата. Превозот со такси е со стадардна цена од 50 денари за превоз до еден километар и по 30 денари за секој нареден километар возење, но во текот на сезоната таксистите нудат и паушални цени за превоз.
Прошетка со кајче по езерото во просек е 150 денари за едно лице, во зависност од тоа колку луѓе се во група. На пример, панорамска прошетка од Пристаниште до Канео за четири лица чини околу 500 денари. Крстарење со брод до Свети Наум чини 10 евра, но за поголеми групи бродарите нудат и попуст.
Во рестораните и кафетериите кафето чини од 40 до 80 денари, а соковите и пивото се продаваат од 60 до 100 денари. Сладоледот се продава по 20 денари од топче, а слатките од 30 денари нагоре. Цените на печивата во пекарниците и млечните ресторани се движат од 20 до 50 денари, а сендвич и парче пица од рестораните за брза храна може да купите по цена од 50 до 100 денари. И цените на храната во рестораните и пицериите се различни, во зависност од тоа каде е лоциран нивниот објект. Ручекот или вечерата ќе ве чини поскапо доколку угостителскиот објект е непосредно до езерото.

Цените на прехранбените производи низ охридските супермаркети се исти како и во другите градови, а голем број од нив нудат летни попусти на одредени продукти и разни промотивни акции во текот на викендите.
И цените на зелениот пазар во Охрид, по традиција се нешто поскапи од цените во другите македонски градови. На пример, еден килограм домати е од 30 до 50 денари, килограм пиперки може да купите по цена од 40 до 60 денари, а цените на компирот и кромидот се движат од 20 до 30 денари. Цената за килограм праски или кајсии се движи од 30 до 60 денари.











