Денес, во Струга, почнува јубилејното 50- то по ред издание на Струшки вечери на поезијата.

Пред свеченото отварање на манифестацијата во 21 часот, предвидени се неколку содржини. Ќе се изврши традиционалното садење дрво во Паркот на поезијата, по што ќе биде отворен Спомен домот на Браќата Миладиновци.

Ќе се одржи и прес конференција со годинешниот добитник на Златниот венец на СВП 2011, Матеја Матески, по што ќе следи Поетски омаж на Блаже Конески, по повод 90 години од неговото раѓање. Во 18 часот, во хотел Дрим,  ќе биде отворена изложбата на фотографии по повод 50 години Струшки вечери на поезијата.

Свеченото отварање на 50-те СВП ќе започне во 21 часот, на Мостот на поезијата,  со музичка изведба на „Т’га за југ“, во интерпретација на тенорот Благој Нацоски по што ќе се одржи познатата Ноќ без интерпункција, при што ќе биде претставен јапонскиот поет Хироши Танучи, добитник на наградата на УНЕСКО за најдобра дебитантска книга. Предвидени се и музичко-поетска изведба и настап на млади поети и учесници од земјата и светот.



Инаку, вчера, во Вилата Билјана, Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, ја одликува манифестацијата Струшки вечери на поезијата со Орден за заслуги за Македонија. Орденот се доделува за постигнатите исклучителни резултати во 50 годишното организирање на оваа врвна меѓународна културна манифестација, со што Струшките вечери на поезијата дадоа значаен придонес за афирмација на Република Македонија во светот.

OhridNews