64-тото издание на Меѓународната поетска манифестација Струшки вечери на поезијата почнува денес со традиционалното садење дрвце и поетско читање во Паркот на поезијата во чест на добитникот на „Златен венец“ за 2025 година истакнатиот словачки поет, раскажувач, есеист и преведувач Иван Штрпка.
На Фестивалот кој ќе трае до 25 август учество ќе земат 70 поети од Франција, Турција, Кина, Шпанија, Ирска, земјава и регионот.
Свеченото отворање на Фестивалот е закажано во 20:30 часот во Центар за култура „Браќа Миладиновци“, а ќе продолжи со Меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“.
Фокусот на годинашното издание е Глаголицата. Токму затоа, за негова промоција подготвени се графички и видео содржини, кои во себе ја обединуваат глаголицата како фонд, кој реферира на првата неофицијална кодификација на македонскиот јазик преку првите преводи на она што го знаеме како старословенски јазик.
Во сообразност на годинашниот концепт на Фестиваот ќе биде и изложбата – „Македонска глаголица – Визуелни рефлексии“ – Лазе Трипков во хотел Дрим, Пијано сала.
На програмата се меѓународни поетски читања на поетите од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ за 2025. Неизоставен дел се и портретите на добитниците на „Златен венец“, традиционално во црквата „Света Софија“ во Охрид, „Мостови на Струга“, „Браќа Миладиновци“ за 2024 година и „Млада Струга“.
Новина годинава е враќањето на препознатливите содржини Струшките вечери на поезијата, како што се читањата кај споменикот на Свети Климент на плоштадот во Охрид и патувањето со брод и поетското читање на „Свети Наум“. Поетското матине годинава ќе биде во предворјето на црквата „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид.
На 64. Фестивалско издание ќе бидат презентирани врвни светски имиња, а ќе бидат објавени и тројазична луксузна монографија на лауреатот Иван Штрпка, како и други значајни публикации. Меѓу нив е и книгата на добитникот на награта „Мостови на Струга“, Матеуш Шимчик, книгата на минатогодишниот добитник на нашата најзначајна книжевна награда, наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу две изданија на фестивалот, на академик Катица Ќулавкова „Небото ми е дома“, која излегува во превод на англиски јазик.
СВП годинава објавува една ретка антологија „Дионис и свети Трифун“, панорама на македонската винска поезија, која ќе биде презентирана во соработка со нашите стратешки партнери Тиквеш, што е наш прилог во одбележувањето на 140 години од постоењето на винарската визба Тиквеш.
Покровител на манифестацијата е претседателката на Република Македонија Гордана Сиљаноска Давкова, а како национална установа е финансирана од Министерството за култура и туризам.
OhridNews