Со дефилето на маски, во Вевчани денеска започнува еден од најстарите карневали во Европа. Оваа традиција вевчанци ја негуваат четиринаесет века. За овој ден, велат тие, живее секој вевчанец.
-Кај да си за Василица дома да си, ќе кажат вевчанци.

И годинава Вевчани ќе биде отворен театар под маски. Покрај традиционалните зетот и невестата, глупавиот август, музичарите и други маски, вевчанци од горно и долно маало подготвуваат разни креации, а вообичаено само на нив својствен начин тие ќе го искажат мислењето на народот за актуелните состојби во државата. Иако често се на тапет, неизбежен декор во Вевчани ќе бидат политичарите, а гости ќе има од сите краеви на земјата, но и од странство. 

Загревањето за карневалот започна синоќа со рок хепенинг, а веселата атмосфера денеска ќе се пренесе низ сите вевчански куќи и ќе заврши длабоко во ноќта со посета на познатите вевчански извори.

Карневалска атмосфера денеска владее и во охридското село Куратица. 
Карневалот започнува попладне во 17:00 часот со палење на василичарскиот оган и посета на сите домови во селото. Во најава вчера низ охридските улици продефилираа маскирани млади, а организаторот упати покана до охриѓани да го посетат карневалот на кој се очекуваат неколку илјади гости.

Главната манифестација, дефилето под маски, ќе се одржи утре. За посетителите обезбедени се околу 1000 литри вино и 400 литри ракија, а манифестацијата ќе биде збогатена со настап на групата Маестрал од Битола и Елена Велевска.
OhridNews