Со традиционалното палење на фестивалскиот оган и читање на поемата „Тжга за југ“ од Константин Миладинов, во Струга вечерва ќе бидат отворени  47-те Струшки вечери на поезијата.

Добитник на „Златниот венец“ годинава е албанскиот поет со светско реноме, Фатос Арапи,  кој го потврди своето присуство во Струга. Беседа за венценосецот во црквата Света Софија ќе одржи Гане Тодоровски. Престижната награда „Браќа Миладиновци“ годинава ја доби македонскиот поет Ристо Лазаров кој ќе ја промовира книгата “Среде”. Покрај овие, на фестивалот ќе бидат доделени и наградата за најмлад поет, а годинава посебно внимание ќе се посвети на младите поети од цела Македонија кои  ќе имаат свои вечери.

Изданијата на фестивалот веќе се излезени од печат, а на „вечерите“  се враќа и  популарната „Песна меѓу две лета“ – пресек на поетското творештво во Македонија меѓу двете Струги.

На фестивалот ќе  биде претставена националната поезија на Украина, а ќе се  промовира и едицијата „Плејади“. На „Струшките вечери“ годинава се очекува учество да земат над седумдесет поети од светот и педесетина поети од земјата.

Ohridnews