Министерството за труд и социјална политика и АД Македонски пошти, денеска го промовираа почетокот на реализација на новиот проект “Подари книга”.

Проектот е наменет за граѓаните во социјален ризик и за лица со ниски примања. Основната идеја на проектот е секој оној којшто  има можност да подари книга, истата да ја достави во некој од филијалите на  Македонска пошта, Центрите за социјална работа или во детските градинки. Книгите коишто ќе ги донираат граѓаните, фирмите и институциите ќе бидат ставени на располагање и во корист на децата без родители и родителска грижа, на згрижувачките семејства, на  сите членови од семејствата во социјален ризик, на материјално необезбедените граѓани и сите оние коишто не можат да си дозволат нова книга.

Целосен список на донираните книгите кој редовно ќе се ажурира, ќе се објави на веб страната на Министерството за труд и социјална политика. Тој список  ќе биде достапен на сите заинтересирани граѓани коишто се евидентирани во системот на социјална и детска заштита, а коишто имаат потреба од одреден наслов. Овие  лица ќе можат да се пријават како баратели на книги во триесетте Центри за социјална работа. Задолжени лица во министерството по претходно добиени податоци од Центрите ќе вршат поврзување на донацијата со барателот кој има потреба од неа. Потоа,  Македонска пошта ќе врши бесплатна достава на книгата  до барателот. Оваа услуга ќе се врши по принципот “КОЈ ПРВ ЌЕ СЕ ЈАВИ, ТОЈ ПРВ ЌЕ БИДЕ УСЛУЖЕН”.

OhridNews