Владата обезбеди повеќе инструменти за долгорочно финансирање за купување, изградба и адаптација на мали сместувачки капацитети до 70 легла со стандард и категоризација на квалитет не поголем од оној кој е определен со 3 ѕвезди, проект кој е дел од владината програма 2011 -2015.
-Владата преку вкупно 4 кредитни линии, под поволни услови, со прифатлив и разумен рок на отплата и вклучен грејс период помага при купување, изградба или адаптација на сместувачки капацитети. Секоја од кредитните линии имаа свои специфики, и силни страни, што помага бизнисмените да ги димензионираат и користат според своите потреби и проценки. Се работи за поттикнување на отворање на нови сместувачки капацитети кои особено во европските држави се масовно искористени и претставуваат значаен дел од обртот на средства во светскиот туризам, а претставуваат и модел за развој на малиот и среден бизнис.-изјави портпаролот на Владата Александар Георгиев.
Владата на минатата седница усвои информација за расположливи 4 финансиски инструменти-кредитни линии кои може да се користат за таа намена.
Првиот инструмент е ЕИБ- кредитна линија- МСП инвестиционен кредит вреден 100 милиони евра. Минималниот износ на средства кои крајниот корисник може да го искористи е 10 000 евра, а максималниот износ е 3 500 000 евра, со рок на отплата до 8 години и вклучен грејс период до 24 месеци.
-Овие средства може да се искористат за купување на материјални средства, во смисла на недвижности- купување, изградба и адаптација на сместувачкиот капацитет, опрема од хотелиерството, и обртни средства не повеќе од 30% од вредноста на кредитот, како и инвестиции во нематеријални средства развој, планирање и финансирање во фаза на конструкција, како и трошоци на плати и останато). Каматната стапка е 5.5% годишно, која е фиксна во целиот период, и која државата ја субвенционира. Оваа кредитна линија е најповолната која постои воопшто во бизнисот во овој период, обезбедува стабилност и предвидливост.- истакна Георгиев.
Вториот инструмент е Инвестициска кредитна линија РФ (Револвинг фонд од Италијанската стокова кредитна линија). Износот на кредитот за крајниот корисник се движи од минималниот износ 50 000 евра, а максималниот износ 400 000 евра. Рокот за отплата е 6 години, вклучителен грејс период до 12 месеци, со крајна каматна стапка од 6% годишно. Намената за користење на овие средства е набавка или изградба на постојани средства вклучително и купување, изградба и адаптација на мали сместувачки капацитети и за обртни средства.
На располагање на инвеститорите во туризмот ќе им биде и Посебен кредитен фонд. Износот на кредит за крајниот корисник се движи од 10 000 евра-минимален износ до 300 000 евра максималниот износ. Рокот на отплата е до 8 години, со грејс период 12 месеци, а ако крајниот рок е до 3 години тогаш максималниот вклучен грејс период е до 6 месеци.Намената за користење на овие средства е набавка или изградба на постојани средства вклучително и купување, изградба и адаптација на мали сместувачки капацитети и за обртни средства до 30% од вредноста на кредитот. Крајната каматна стапка е максимум 6,75%.
-Предноста на овој инструмент е тоа што во случај на неможност за поврат на кредитните средства од страна на корисникот државата отплаќа значаен дел од кредитот, што овозможува комерцијалните банки полесно да одобруваат кредити.-рече Георгиев
Четвртиот инструмент кој го најави владата е МСП-МБПР кредитна линија Минималниот износ на кредит е 15 000 евра, а максималниот 500 000 евра. Рокот на оптплата е до 8 години, со вклучен грејс период до 12 месеци и максимална крајна каматна стапка 8%. Намената за користење на овие средства е набавка или изградба на постојани средства вклучително и купување, изградба и адаптација на мали сместувачки капацитети и за обртни средства до 50% од вредноста на кредитот.
Георгиев појасни дека предноста на овој инструментот е што директно се аплицира кај МБПР и по правило полесна се добиваат средствата, и ваа за разлиак аод претходните ри кои се девизни, е денарска кредитна линија.