Родовата еднаквост и економското зајакнување на жените се еден од клучните предуслови за одржлив и инклузивен развој на македонското општество и на македонската економија, порача сопругата на претседателот на државата Елизабета Ѓоргиевска на завршната конференција на проектот „Мерки за зајакнување на женски бизниси по Ковид-19“ што денеска се одржа во Охрид, под нејзино порковителство, а во организација на Центарот за управување со промени со финансиска поддршка од Balkan Trust for Democracy и USAID.
Економското зајакнување на жената истовремено е индикатор на нивото на демократизација на општеството, но и патоказ кон поправеден економски развој во кој има место за секого. Тоа е зајакнување на општеството во целост и претставува инвестиција во иднината, гаранција за просперитет во државата. Жените во Северна Македонија во континуитет се посветени кон позитивните општествени промени. За тоа сведочат успесите на жените претприемачи кои ги водат своите бизниси. Останува уште многу да направиме. Иако жените се вклучени во некој од најважните развојни процеси, сепак сеуште се соочуваат со непринципиелни бариери или се целосно рамноправни чинители во економскиот развој и бизнис секторот. Наша задача е да работиме на овие бариери кои го попречуваат целосното и правилно вклучување на жените во секоја сфера од развојот на државата, како нераскинлив дел од економската стабилност, социјалниот напредок и демократските вредности, рече Ѓоргиевска.

Последниот попис покажа дека жените во РСМ сеуште претставуваат најголем процент од невработената популација и претставуваат 67% од оние кои се најнеактивни на пазарот на трудот. Оттаму и нашата иницијатива за поддршка на женското претприемништво не е само прашање на еднаквоста, туку е и прашање за економскиот развој и просперитет на државата и од тие причини во изминатиот период се обидувавме да го насочиме фокусот и вниманието на јавноста токму преку поддршка и покровителство на сопругата на Претседателот малку повеќе да ги афирмираме концептите на женско претпримеништво, да поттикнеме иницијативи за дискусија на кој начин може да им се помогне на жените претприемачки и да отвориме дебата за воспоставување на сериозни фондови во рамките на државните институции коишто на еден или друг начин преку обука, грантовска поддршка, поттикнување, размена, вмрежување ќе ги поддржат жените претприемачки, ќе ги поттикнат оние кои се неактивни на пазарот на труд да се вклучат во економскиот развој на државата и да го дадат својот придонес, рече Малеска Сачмароска.

Многу жени ги загубија своите работни места и егзистенција. Бизнисите во сопственост на жени беа затворени, особено оние кои припаѓаат на микро и малите бизниси. Овие бизниси се главната егзистенција на голем дел од населението во земјава и значително придонесуваат за економијата. Преку нивната работа со жените и девојките од РСМ, ЦУП создавајќи поволна бизнис клима за промовирање на родовата еднаквост преку економско зајакнување на бизнисите предводени од жени, подобрување на статусот на жените и девојките, ги зајакнува стопанствата, демократиите и општествата насекаде. Имајќи го во предвид сегашниот и потенцијалниот придонес на бизнисите предводени од жени во развојот на економијата мора да се преземат понатамошни активности за економско зајакнување на бизнисите водени од жени. РСМ има успешни жени претприемачи кои со своите професионални капацитети и успеси сведочат дека не постои област во која жените неможат да бидат на раководни позиции. Во оваа смисла неопходно е да се развијат стартегија и јавни политики кои ќе овозможат структурни промени со што ќе се овозможат еднакви можности за мажите и жените во деловната сфера. Заедно можеме да ги надминиме континуираните предизвици на Ковид 19 и другите економски нарушувачи и можеме да развиеме долгорочни решенија и преку воведување на нови технологии. Треба активно да ги поттикнуваме и поддржуваме програмите од јавниот и приватниот сектор кои го подобруваат образованието и воведувањето на современи технологии, рече Стајн.

Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков потенцираше дека Стратегијата за родова еднаквост во Општина Охрид ја има, а во процес на изработка е и Стратегијата за развој на женско претприемништво за Југозападниот регион, која се изготвува по теркот на Националната платформа за женско претприемништво.
Овие документи и искрената заложба на локалната самоуправа за вистинска рамноправност меѓу жените и мажите, за нас немаат алтернатива во заедничкото градење на нашата заедница и иднина. Верувам дека со завршните активности, а посебно со базарот на женската иновативност и вештини, во полн сјај ќе блесне вашата умешност и знаење. Почитувани дами, за искрено да ја доловам, не само нужноста од рамноправноста меѓу мажите и жените или поддршката што треба секогаш да ја има понежниот пол, туку од неопходноста од жените на овој свет, дозволете ми тоа да го искажам со една метафора: Жените се како сол на овој свет. Можеби може и без сол, но тогаш ќе биде многу блуткаво, додаде Пецаков.

Н.С.Ј.













