Нови 35 милиони денари финансиска поддршка од Владата се обезбедени годинава за винариите и земјоделските преработувачки претпријатија кои ќе ги искористат за зголемување на квалитетот на производот и на извозот на флаширано вино и на земјоделски производи во амбалажа. Програмата се спроведува неколку години и има позитивно влијание и за компаниите и за девизниот прилив и придонесува за континуиран раст на извозот.

Портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев на вчерашната прес-конференција информира дека Владата ја усвои Програмата за финансиска поддршка на маркетинг на земјоделски производи за 2015 која е фокусирана кон винариите и земјоделските компании кои извезуваат на странски пазари преработени производи во амбалажа.

-Фокусот е зголемување на квалитетот на земјоделските производи пред се во инвестиции во покривање на трошоците што ги прават домашните компании во поглед на изработка на амбалажата. На тој начин ќе се влијае на тој степен на додадена вредност кој обезбедува и повисок профит за самите компании, бидејќи амбалажираниот производ има повисока цена на пазарите во странските земји, а да се мотивира и развој на технологијата на производство на компаниите што ќе има ефект и на останатите сектори што се поврзани со земјоделското производство, изјави портпаролот Ѓорѓиев.

За финансиска поддршка на огласите што е предвидено да се објават може да се пријават сите домашни земјоделски компании кои планираат да ги продадат своите производи на странските пазари.

Ѓорѓиев истакна дека најзначајни ќе бидат винариите кои ќе добијат финансиска поддршка за покривање на дел од трошоците за амбалажата на флашираното вино за извоз до 20 проценти од вкупната вредност на направени трошоци за амбалажа на извезено флаширано вино, односно до 6 денари по извезено шише вино. – Со овие средства се помага извозот на флаширано вино со квалитетна и препознатлива амбалажа односно за направени трошоци за стаклено шише, затворачи, етикети и друго, истакна портпаролот.

Тој додаде, дека во фокусот ќе бидат и земјоделските компании каде помошта за трошоци за амбалажа на извезен преработен земјоделски производ се однесува на производи од конзервната индустрија кои се извезуваат во стаклена амбалажа. Помошта ќе се исплаќа во висина до најмногу 4 денари по килограм извезен производ и е наменета да покрие дел од трошоците за стаклена амбалажа, капак, етикети и друго.

OhrdNews