Волонтерите од неформалното движење „Чист Охрид“, кои во јавноста станаа познати по еколошките акции за чистење на јавните површини во градот, добија поддршка во опрема од лајанс клубот „Лихнидос“ од Охрид.

Лајансите од Лихнидос на младите екологисти им обезбедија елечиња со логото на „Чист Охрид“, ракавици, гумени чизми и друга опрема за реализација на еколошки акции.

-На овој начин сакаме да ги поддржиме младите волонтери во нивните напори за почист и поуреден Охрид, што секако позитивно се одразува на подигање на јавната свест за еколошките проблеми и лошите навики на граѓаните кои и натаму продолжуваат да фрлаат најразличен отпад на зелените површини во градот но и во природата. – велат од ЛК Лихнидос.

Еко движењето „Чист Охрид“ во изминатите месеци реализираше повеќе акции за расчистување на јавни површини од отпад, а најавуваат дека своите активности со поголем интензитет ќе ги продолжат во текот на пролетта.

OhridNews