Рударството не е само индустриска активност, туку значаен двигател на економијата во земјата. Модерното рударство претставува темел без кој нема напредни технологии, нема енергетска транзиција, нема одржлив развој. Во иднина на рударството ќе се гледа како на стратешки партнер за одржлива и технолошки напредна цивилизација. Ова беше посочено на 16. Годишно стручно советување со меѓународно учество „ПОДЕКС – ПОВЕКС 2025“ што од денеска се одржува во Охрид. На истото присуствуваат претставници на академската заедница, индустриски компании, истражувачки институти, како и инженери од областа на рударството и геологијата.
Пред присутните се обрати Ѓорѓи Димов, декан на Факултетот за природни и технички науки на Универзитетот во Штип, кој истакна дека ова не е само традиционална средба туку повеќе место на размена на знаења, искуства и нови идеи во областа на рударството и геологијата, средба што ја обединува науката, индустријата и иновативните технологии.
Денес живееме во ера на брз технолошки развој, ера на дигитализација, вештачка интелегенција, електрични возила, обновливи извори на енергија и напредна електорника. Сите овие достигнувања имаат една заедничка основа, а тоа се минералните суровини. Модерното рударство претставува темел без кој нема напредни технологии, нема енергетска транзиција, нема одржлив развој. Но, ова рударство мора да е интелигентно, технолошки одговорно и насочено кон иднинатата, рече тој.
Посочи дека во иднина на рударството нема да се гледа како тешка индустрија, туку како на стратешки партнер за одржлива и технолошки напредна цивилизација.
Рударството ќе се редефинира од екстракција во ресурс на одговорност, со акцент на технологијата, одржливоста и социјалната вредност. Предизвиците пред нас се големи, од одржливо управување со минералните ресурси, преку заштитата на животната средина, до развој на нови технологии за мониторинг и ремедијација. Сигурен сум дека токму на ова советување ќе произлезат идеи и решенија кои ќе бидат од корист за сите нас, но и за пошироката заедница, истакна Димов.
Горан Серафимов, претседател на Здружението на рударски и геолошки инженери на Македонија, истакна дека рударството не е само индустриска активност туку значаен двигател на економијата во земјата.
Големиот предизвик, но и истовремена голема шанса за рударството е трансформацијата од традиционално ископување кон модерно, дигитално и одржливо рударство. Во последните две-три години имаме поддршка и од ЕУ, има активни проекти кои овозможуваат поддршка за дигитализација, автоматизација во индустриското производство на мали, средни и големи претпријатија. Ова е подржано со кредитни линии, финансирано од банки и фондови кои го овозможуваат воведувањето на овие современи технологии во процесите. Со воведувањето на овие модерни технологии имаме подобрување на економските нормативи на секоја компанија, имаме позитивни економски показатели. За успехот секогаш е потребен тим. Во исто време претставува и предизвик да се сплотиме заедно и да го направиме рударството да биде мост кој од индустријата од минатото ќе се стремиме кон иновации, земја на транзиција и економска отпорност, рече Серафимов.
Изрази уверување дека економските и геолошките ресурси што ги има во земјата се во насока на додавање вредност, односно развој на циркуларни решенија за повторно користење на метали наместо само извлекување и извоз на суровини.
Тоа значи дирекно отворање на повеќе број работни места, поголеми приходи и технолошки напредок за цели регионот, рече Серафимов.
Во рамките на стручно советување со меѓународно учество „ПОДЕКС – ПОВЕКС 2025“ денес се одржаа и две панел-дискусии на теми „Научни предизвици и современи истражувачки тенденции во рударството: перспективи, методолошки пристапи и идни насоки“ и „Патот кон одржлив развој во рударството“.
На првиот панел се обратија проф. д-р Ѓорѓи Димов, проф. д-р Жељко Камберовиќ од Универзитет во Белград и проф. д-р Јоже Кортник од Универзитрт во Љубљана кои споделија искуства и визии за тоа како академската заедница и индустријата можат заеднички да го забрзаат технолошкиот и одржлив развој на секторот.
Науката, технологијата и одговорниот пристап кон ресурсите се трите столба врз кои се гради модерното рударство, беше посочено.
На вториот панел одговори на прашањето: Како рударството може да биде двигател на економијата и истовремено чувар на природата? понудија Ивица Карапетров, заменик генерален директор во Рудник за бакар Бучим, проф. д-р Зоран Панов од Катедра за површинска експлоатација, при ФПТН – УГД, Андреј Кепески, менаџер за експлоатација на каменоломи и развој на минерални суровини во Цементарница Усје.
Вештачката интелигенција веќе не е иднина таа е реалност. Новите технологии овозможуваат автоматизација и забрзување на процесите, зголемено производство со минимално влијание врз животната средина и значителна заштеда на енергија. Но, одржливоста не завршува со технологијата. Таа започнува со луѓето преку програми за дуално образование, стипендии за студенти, поддршка на младите и континуирана едукација. Со создавање нови генерации подготвени за иднината, рударството станува не само поодговорно, туку и поодржливо. Одржливото и паметно рударство не е само цел, тоа е процес кој бара знаење, управување, визија и транспарентост, беше посочено.
Покарј панел дискусиите во рамки на програмата на сребата опфатени се и презентации на научни трудови, како и комерцијални презентации на компании од индустријата и свечен дел со доделување признанија за значајни достигнувања во 2025 година.
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска