Доаѓањето на пролетта во градот под Самоиловата тврдина, традиционално го најавија охридските „кајчари“. Тие деновиве го искористија топлото време, за да ги „разбудат“ своите пловни објекти од „зимскиот сон.“ Несомнено дека овој чин, буди голем интерес не само кај охриѓани туку и кај туристите, ако се знае фактот дека подготвувањетона кајчињата го најавува почетокот на туристичката сезона во Охрид.

Нашиот сограѓанин Миле, повеќе од 40 години се занимава со оддржување и подготвување на кајчињата. Според него, процесот на „гаражирање“ на кајчината е еден од најбитните сегменти кои директно влијаат на состојбата на пловниот објект.

Кајчињата претежно се ваѓаат од езерото кон крајот на септември или почетокот на октомври. Уште тогаш, пловниот објект мора детално да се измие од тињата, а по можност да се изгребе и бојадиса  онаму каде што бојата е испукана. Ги вртиме наопаку, а кајчето мора да е поткренато околу 40-тина сантиметри за да не фаќа влага од земјата. Дождот не му наштетува, бидејќи водата истекува и не се задржува.“ – вели нашиот сограѓанин Миле.

За време на пролетниот период, кајчиљата детално се проверуваат, а по потреба се премачкуваат со заштитна боја. Во зависност од состојбата во која се наоѓа пловниот објект, процесот може да трае од неколку денови па до една седмица.

Доколку кајчето е домаќински оддржувано, процесот трае околу четири денови. Најпрво се проверува плехот, летвите, па дали кајчето од некаде пушта вода или капи. По потреба ќе го изгребаш, ќе го исшмирглаш или дотераш со основна боја, онаму каде што има испукано. Ако е ептен оштетено, ќе мора да се помине со челична четка и шлајферица, па потоа на неколку пати целосно да се премачка со заштитен лак. Ако не го оддржуваш, наместо 20 години ќе го имаш само две, без разлика колку е тоа старо.“ – додава охридскиот мајстор Миле.

Охридските мајстори, најчесто со основна боја го освежуваат и внатрешниот дел од кајчето, објкетот за да добие подобар естетски изглед. Како што вели нашиот соговорник, поправките се прилично скапи за оние кајчина кои претрпуваат поголеми оштетувања за време на зимскиот период.

На она место каде што капи вода и е ‘рѓосано, плехчето ќе скапа па потребно е сечење и макотрпна работа. Во Охрид не останаа мајстори кои менуваат таков плех. Цената за таква поправка е околу 250 евра, а ретко кој се нафаќа бидејќи е неисплатливо. Затоа треба многу оддржување. Ако не го чуваш кајчето, воопшто не земај го и продади го.“ – вели кајчарот Миле.

Тој вели дека интересот за купување на охридските кајчиња е во подем, но бројката на вакви пловни објекти од година во година се намалува.

Има интерес, се купуваат, ама некако малку кајчиња останаа низ градов. Бројката е драстично намалена и преполовена, а побарувачката зголемена.“ – додава Миле.

О.Т.