Министерството за образование и наука почнува подготвителни активности за крупниот инфраструктурен проект кој предвидува целосна обнова на државните студентски домови и нивно трансформирање во енергетски ефикасни објекти. Реконструкцијата ќе опфати осум објекти во кои, како што велат од МОН, ќе се обезбедат подобри услови за сместување, престој и удобност во студентските домови, нагласувајќи дека тоа е еден од неговите клучни приоритети.

Реализацијата на проектот за етапно реновирање на студентските домови во државава во ноември ја најави министерот Јетон Шаќири, кој претставувајќи го Акцискиот план соопшти дека таа ќе стартува на почетокот на 2023-та, најпрво со домот „Стив Наумов“ во Скопје каде што условите се најлоши.

Посочи дека проектот вреден околу 20 милиони евра од Германската развојна банка ќе се спроведува во три фази во три години и дека се очекува првата фаза за реновирање на неколку домови да почне во јануари-февруари годинава.

МОН веќе има добиен проект кој треба да почне што побргу. Очекувам првата фаза да биде во јануари-февруари кога е предвидено реновирање на неколку студентски домови. Акцискиот план предвидува за три години да бидат реновирани сите студентски домови во нашата земја. Проектот е вреден 20 милиони евра и ги опфаќа студентските домови: „Стив Наумов“, „Кузман Јосифовски-Питу“, „Гоце Делчев“, „Томе Стефановски-Сениќ“ и „Пелагонија“ во Скопје, „Орде Чопела“ во Прилеп, „Кочо Рацин“-Битола, „Браќа Миладиновци“-Штип и „Никола Карев“ во Охрид, истакна Шаќири.

Во рамки на првата фаза, од почетокот на 2023 се очекува да стартуваат градежните работи и, според Акцискиот план, во двете наредни години ќе бидат распределени, во втора и трета фаза, студентските домови што ќе бидат реновирани.

Станува збор за проект кој ги опфаќа сите студентските домови во Македонија во кои влегува и студентскиот дом во Охрид. Во јануари започнува со реновирање и реконструкција домот Кузман Јосифовски Питу во Скопје, а веќе во вториот дел е домот во Охрид. Проектот е за енергетска ефикаснот, каде ќе биде опфатен целиот студентски дом. Има некаде околу 2 милиони евра предвидени за нашиот студентски дом, каде вклучени се фасадата, кровот, канцелариите, рецепцијата, собите, кујна, ресторан…, истакна неодамна директорот на установата, Жарко Куциноски.

Потенцираше дека со ова значително ќе се подобрат условите во студентскиот дом.

OhridNews