Поднесена е кривична пријава за 31-годишниот охриѓанец кој вчера утрината ја нападна својата девојка, при што истата со телесни повреди била примена во болницата „Св. Еразмо“.

Како што инфомираат од СВР Охрид, К.К.(31) од Охрид ќе одговара за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“ по член 131 став 3 од Кривичниот законик.

На 15.11.2026 околу 02:00 часот, по претходна расправија која започнала во неговиот дом, а продолжила во неговиот автомобил, пријавениот во возилото физички ја нападнал неговата 26-годишна девојка од охридско. Откако го сопрел возилото, продолжил со нападот, при што девојката изгубила свест и паднала, по што била пренесена во Општата болница во Охрид, а потоа и во болницата „Св. Еразмо“ во Охрид, каде ѝ биле констатирани тешки телесни повреди, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Од СВР Охрид посочуваат дека преземени се мерки и набргу по настанот, во 05:05 часот К.К е лишен од слобода и задржан во полициска станица, а по барање на ОЈО,  Основен суд во Охрид донесе решение и му изрече мерки на претпазливост.

Во врска со настанот, на 15.11.2026 во 08:50 часот во СВР Охрид, Љ.К.(51) од Охрид, мајка на К.К., пријави дека Љ.Ѓ.(49), татко на девојката, на мобилен телефон упатил  закани на нејзиниот син К.К. и на целото семејство, по што истиот ден во 13:20 часот во Охрид и тој е лишен од слобода и задржан во полициска станица. Против него, исто така, ќе биде поднесен соодветен поднесок, вели Димоски.

26-годишната охриѓанката е во стабилна состојба, а при прием во болницата „Св. Еразмо“ констатирани и биле телесни повреди по целото тело. Девојката била задржана за опсервација и денес ќе биде испишана од болницата.

Девојката беше донесено во утринските часови околу 5 часот. Од страна на дежурниот трауматолог констатирани се телесни повреди по целото тело. Направени се иследувања со компјутеризирана томографија. Констатирани се телесни повреди, модринки и набиеници по телото. Вчера е заджана девојката за опсервација, денес е за испис, информира директорот на ЈЗУ Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ – Охрид д-р Харалампие Шокаровски.

Случајот предизвика жестоки реакции во јавноста. Граѓаните повикуваат на одговорност и се надеваат дека правдата ќе биде задоволена. Повикуваат и на поддршка за младата девојка, но и поголема институционална вклученост кога станува збор за случаи на насилство врз жените.

Инаку, според податоците на МВР во истото деноноќие биле пријавени 15 случаи на семејно насилство во државата, од кои во Охрид два, покрај погореспоменатиот и 34-годишен жител на Скопје, со престој во Охрид во семејниот дом физички ја нападнал неговата 28-годишна девојка.

Н.С.Ј.