Реконструкција на ТЦ Амам, изработка на подземен катастар и отстапување простор во Kасарната за музички бендови беа трите иницијативи кои ги понднесе советничката Леона Кичеец од „Охрид пред се“ на вчерашната седница на Советот на Општина Охрид.

Во образложението на првата иницијатива Кичеец истакна дека станува збор за санирање и репарирање на објект на ул. „Македонски Просветители“- ТЦ Амам, од надворешната страна, сообразно со автентичниот изглед на самиот објект и поставување на информативна табла за неговото историско и културно значење.

Имајќи ги предвид местоположбата на самиот објект кој се наоѓа во самиот центар на градот, како и неговото историско и културно значење и дополнително, неговото значење како единствен функционален објект со својство на трговски центар на територијата на Општина Охрид, сметам дека санирањето и репарирањето на објектот е од особено значење за градот и комплетирње на изгледот на улицата „Македонски Просветители“ во целост. Дополнително, со поставување на информативна табла во близина на самиот објект би се овозможило информирање за самиот објект, неговата архитектонска вредност и историско значење, појасни Кичеец.

Во однос на втората иницијатива посочи дека се работи за отпочнување на постапка за евидентирање на инфраструктурните објекти во сопственост на сите јавни претпријатија основани од Општина Охрид, јавни претпријатија во државна сопственост како и приватни субјекти-сопственици на инфраструктурни објекти.

На овој начин самите јавни претпријатија, кои и така се наоѓаат во отежната финансиска состојба, преку евидентирање на инфраструктурните објекти во нивна сопственот би имале многу поедноставен и поекономичен преглед врз потенцијалните загуби на самите претпријатија од неидентификувани дефекти. Исто така, со отпочнување на оваа постапка и задолжување на горенаведените ентитети за ваква евиденција, понатаму би се овозможило запишување на сите инфраструктурни објекти во сопственост на јавните претпријатија основани од Општина Охрид, јавни претпријатија во државна сопственост како и приватни субјекти сопственици на инфраструктурни објекти во Катастарот на инфраструктурни објекти, додаде Кичеец.

Третата иницијатива како што посочи се однесува на отстапување и прилагодување на простории за младински музички бендови во склоп на Касарната.

Со оглед на постоењето на многу средошколски и младински музички бендови во Општина Охрид и недостатокот на простории кои тие би можеле да ги користат за вежбање од една страна, а од друга страна имајќи ги предвид капацитетите на Касарна Охрид, сметам дека би било од особено значење за оваа категорија на млади луѓе да се овозможи една таква просторија која ќе биде соодветно звучно изолирана и дополнително, би била снабдена со потребните музички инструменти, рече Кичеец.

Тони Ивановски од надлежните служби при општината потенцираше дека првите две иницијативи треба да се разгледаат и во периодот кој следува постои можност за преземање на подготвителни активности, додека буџетски средства за нивна реализација може да се испланираат во 2024 година.

Иницијативата за санирање на ТЦ Амам заслужува внимание, но испитување на можноста за внесување средства во буџетот во оваа календарска година е невозможно. Прво се работи за објект кој е од големо значење за градот и секое преземање активности во однос на реконструкции и подобрување на неговиот изглед бара одредени подготвителни работи. Прво што треба да се направи е да се изготви проектна задача врз основа на која треба да се изготви проект за реконструкција, па потоа да се обезбедат средства во буџетот. Со оглед дека вистина е значаен објект и неговата реконструкција би влијаела врз подобрување на изгледот на централното градско подрачје, а граничи со зоната која е заштитена со закон, мислам дека за утврдување на средства како што стои во иницијативата за оваа година е невозможно. Ова е постапка која вклучува повеќе институции, не само од Општината, туку и државни, вклучително и НУ Завод и Музеј, затоа мислам дека иницијативата треба да започне со подготвителни работи кои небараат средства кои би биле обезбедени од буџетот. Како идеја за реализација сигурно заслужува внимание и треба да најде место во работата на Општината и Советот, рече Иваноски.

Додаде дека според општите проценки што ги имаат фазата на подготовка и изготвување на проектна задача и изведен проект, заедно со распишување на огласот е постапка која трае непомалку од една година, така што потенцираше средства за оваа намена би можеле да се предвидат во буџетот во 2024 година.

Првата иницијатива за изработка на подземен катастра е сериозна иницијатива. Искуствено од тоа што го следиме на јавни набавки, цената на еден метар проектирање на катастарските должини на сите тие водови чини нешто помалку од 50 денари. Наша проценка е дека општината располага со стотици илјади метри вакви мрежи, што значи дека во буџетот треба да се издвои значителна ставка од 400-500 илјади евра. Но, со оглед дека ваква работа Општината треба да поседува и треба да се направи мислам и дека оваа година треба да ја искористиме за подготвителни работи барем ЈП-ја да ги нотираат своите мрежи по улиците и по населените места. Знаејќи ја состојбата со буџетот и предвидените активности неможеме да изнајдеме толку средства во годишниов буџет, затоа наше мислење од стручните служби е да се искористи оваа година да се дадат задолженија до јавните претријатија за нотирање и скицирање на водовите. Со вака извршени подготовки ќе имаме помалку финансиски обврски во постапката за јавни набавки, потенцираше Иваноски.

Во однос на третата иницијатива секретарот Александар Китески истакна дека во тек е изработката на физибилити студија која ќе даде одговор за тоа како просториите во Касарната и околните објекти ќе бидат искористени.

Да ја почекаме таа студија и немам ништо против на некоја од наредните седници да донесеме ваква иницијатива, односно заклучок за отстапување. Мислам дека имаше и барање и од повеќе музички бендови за оваа работа, додаде Китески.

Н.С.Ј.