Со повеќе материјално-инвестициски зафати се подобруваат условите во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид. Изминатиов период извршени се модернизација на административните канцеларии, промена на врати, поправка на клима уредите во салата кои ќе бидат во функција како во летниот така и во зимскиот период. Во тек на реализација се и активности за подобрување на условите за публиката која ќе ги следи театарските претстави, а се работи и во насока на осовременување на филмските проекции. Големо внимание се посветува и на репертоарот и истиот се збогатува за сечиј вкус и секоја возраст.
Во моментов во малата сала каде се одржуваат претежно театарските претстави во тек е уредување на седиштата, и нивно претапацирање. Инвестицијата чини околу 400 илјади денари. Ќе се изврши комплетно уредување постепено, бидејќи паралелно се одржуваат и претстави. Ова ќе влијае позитивно на публиката бидејќи од кога е направена салата не е направено ништо во овој сегмент. Сега се внесува позитивна клима. Се размислува и во насока на реновирање на сценскиот дел во оваа сала. Аплицирано е за следната година да може да се добијат средстава за уредување на седиштата и за во големата сала, за двете сали да добијат еден современ лик. Средствата се обезбедени од Министерство за култура по наш проект за малата сала, додека другите зафати се од сопствени средства, вели директорот Горан Симоноски.
Потенцира дека поправена е и инсталацијата за затоплување и обезбедени се потребите со нафта за парното за целата година.
Салата ќе биде затоплена за сите настани кои ќе се одржуваат тука во Центарот за култура. Публиката ќе може покомфорно да ужива во изведбите. Извршено е и покривање на т.н. рампа, бидејќи се множат претставите и просториите за складирање на сценографиите веќе се исполнети и моравме да бараме начин. Сега ќе бараме можност за нејзино застаклување да можеме и од претстојните претстави сценографиите да ги чуваме таму. Следат зафати во поглед на ревитализација на студијата 1 и 2 каде се одржуваат пробите на градскиот хор и фолклорното друштво, додава Симоноски.
До овој момент, годинава, вели, успешно се реализира програмата за работа. До сега одржани се „Прличевите беседи“ во февруари посветени на лауреатот Григор Прличев, фолклорната манифестација „Балкански фестивал“ која традиционално се одржува во јули, а пред недела дена беше реализирана и манифестацијата „Охридски староградски средби“.
Голема посетеност бележат сите три манифестации и секако учество на ансамбли како од државава, така и надвор од неа. Што се однесува до театарскиот дел оваа година Центарот има добиено три проекти од Министерството за култура од кои два веќе се реализирани, едниот е претставата „Несфатената цивилизација“, другиот „Сергеј е многу глупав“ со кој Народен театар Охрид учествуваше на фестивалот „Охридско лето“. Оваа година Народниот театар учествуваше и на фестивалот „Војдан Чернодрински“ со „Несфатената цивилизација“, додека со ланската претстава „Енергични луѓе“ на фестивалот во Велес „Петре Прличко“. Третиот проект во режија на Сашо Миленковски „Чекајќи го Годо“ почнува со реализација од утре, потенцира Симоноски.
Режисерот Ѓорги Ристески кој е вработен во Центарот за култура, додава Симоноски, пред десетина дена започа со реализација на дуо драма со нашиот актер Ивица Цонев и надворешен член.
Имаме аплицирано со два проекти, „Несфатената цивилизација“ и „Сергеј е многу глупав“ на фестивал во Благоевград, кој се одржува на крајот на октомври и почеток на ноември. По извршеното селектирање ќе бидеме известени дали сме одбрани, а се надеваме нормално на позитивен исход. Трошоците за гостувањето ќе бидат подмирени од нивна страна. Во рамки на есенскиот дел почнуваме и со проекција на филмови, од кои двата се македонски, а во преговори сме за уште еден, исто така наш филм. На 30-ти септември ќе биде прикажан филмот „Те дуа, жими мене“, додека на 7-ми октомври премиерно ќе биде прикажан филмот „Нешто слатко“ со македонска актерска екипа.
Во поглед на соработката со други театарски продукции ќе биде и изведбата на детската претстава „Трите прасиња“ за која датумот се уште не е утврден, а остварен е разговор и со продуцентот на детската претстава „Петар Пан“ која се планира да биде изведена во октомври.
Симоноски како новина која се надева ќе успеат да ја реализираат, а се однесува токму на филмскиот дел од програмата го споменува изнаоѓањето начин како истата да биде осовремента и да добијат можност за прикажување на модерни филмови, со што би ја збогатиле уште повеќе филмската понуда.
Бараме општина од Р. Грција која ќе се согласи заеднички да аплицираме со проект за добивање средства од европски фондови со проект за опрема за 3Д кино. Во моментов имаме постара опрема и не сме во можност да прикажуваме блокбастери и најнови филмови. Се надеваме на успех за да можеме да имаме современа кино технологија и проектори со кои ќе можеме да ги прикажуваме сите модерни филмови. Опремата чини многу, околу 100 илјади евра. Есенскиот дел ќе биде исполнет со богата филмска и театарска програма, љубителите на театарот и киното ќе имаат можност да дојдат и да уживаат во понуденото, вели Симоноски.
Потенцира дека градбата на Центарот за култура е многу стара, но и многу ретка од овој тип и на истата и е потребно само осовременување. Во поглед на финансиската состојба, со оглед дека приходи имаат од продажба на карти, дел и од изнајмување на салата, во моментов истата е добра и во позитива, со подмирени трошоци и нормално функционирање.
Н.С.Ј.
Фото. Б. Стојаноски